недела, 24 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не поддржуваат албанска академија, секоја партија со различни аргументи

Откако вчера градоначалниците на општините од коалицијата Вреди, најавија и ветија финансирање на задружението со амбиција да воспостави албанска академија на науките и уметностите, со реакција се огласија другите политички чинители – и од власта, и од опозицијата, кои овој проект го сметаат за неприфатлив.

Објавено на

часот

Сподели

„Постои една Академија на науките и уметностите и тоа е став на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и на академиците од различни етнички заедници“ изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, искажувајќи го ставот на својата партија.

Мицкоски не очекува ваквиот потег на Вреди да влијае негативно на владината коалиција.  „Нашиот став е принципиелен и тоа го кажав во многу наврати во минатото дека етнички и национали теми не се мој приоритет“, рече Мицкоски.

Премиерот кажаи дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ во наведените четири општини, нема да гласаат за општински буџет од кој би се одвојувале средства за оваа намена.

„ Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации. Повеќе би сакал да видам да се трошат за инфраструктурни проекти, да креираме услови за младите да се вратат назад и тоа се темите за кои јас сакам разговарам. Теми коишто поларизираат или етнизираат, не се теми во кои јас сакам да бидам соговорник. Претпоставувам тоа се дел од опозициските партии во Парламентот, коишто ќе го зголемат или намалат својот рејтинг ако се разговара на оваа тема. Жалам што избираат вакви теми за политички поени, но како претседател на Владата останувам посветен да работам за доброто на граѓаните без разлика на етничката припадност“, подвлече Мицкоски.

Околу ова прашање денеска се огласија и од ДУИ.

„Како ДУИ не се согласуваме со овој принцип на функционирање. Албанската академија пропагирана како национално ниво стана една невладина организација и ние не сме дел од такви проекти. Во оние општини каде функционираат партиите на Вреди, ние сме опозиција, не сме дел од владејачкото мнозинство“, изјави денеска Фатон Ахмети од ДУИ.

Претходно и лидерот на СДСМ Венко Филипче го искажа ставот на неговата партија дека за нив етнизацијата на науката е неприфалива.

По отфрлањето и неподдршката на овој проект на Вреди од останатите политички чинители во Македонија, се огласија и од коалицијата, повторувајќи го нивното видување со аргументацијата дека „албанските интелектуалци систематски се дискриминирани во МАНУ“.

„Албанската академија е исклучиво научен проект, кој има за цел да ја унапреди академската мисла. Бидејќи албанските интелектуалци систематски се дискриминирани во МАНУ, тие немаат простор каде да дејствуваат. Поради тоа, ние бевме принудени да создаваме платформа која ќе овозможи развој на научната мисла.

Додека МАНУ покажува инертност за реформи и одбива да ја прифати сегашната фактичка состојба, албанските интелектуалци се принудени да создадат платформа која нема да работи според политички или етнички критериуми, туку само врз основа на науката.

Во 21 век, неприфатливо е да има противење на научните трудови и на унапредувањето на знаењето. Апелираме до сите политички партии наместо да критикуваат,  да се охрабарат и да дадат поддршка за оваа иницијатива, за преку инклузивна дебата да се најде правично решение за претставувањето на Албанците во највисоките академски кругови. Како ВЛЕН (Вреди), не можеме да ја прифатиме логиката на двојна негација, каде што МАНУ не ги отвора целосно вратите за Албанците, а истовремено се проблематизира основање на албанската академија“, се вели во најновата реакција на коалицијата Вреди.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ