вторник, 22 октомври 2024

Владината делегација денеска на самитот на НАТО, неизвесна е средба на Мицкоски со Мицотакис

Владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски од денеска учествува на самитот на НАТО во Вашингтон со кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата. Предвидени се голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но останува неизвесно дали на маргините на самитот, Мицкоски ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Објавено на

часот

Сподели

Од Владата нема официјална потврда, а од ВМРО-ДПМНЕ во неделата изјавија дека нема информации за евентуална билатерална средба, меѓутоа дека ваквите меѓународни самити се места каде се применува современата дипломатија.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис вчера изјави дека не е планирана средба, но дека не е исклучено на маргините на Самитот, да има билатерални средби.

Портпаролот на грчката Влада на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека Мицотакис на НАТО самитот „ќе го покрене на највисоко ниво“ почитувањето на Договорот од Преспа.

Според официјалните програми на двајцата премиери, освен на самитот на НАТО и предвидените активности на маргините, двајцата ќе присуствуваат и на вечерата во Белата куќа во организација на американски претседател Бајден.

Мицкоски пред заминувањето за Вашингтон изјави дека доколку има средба со грчкиот премиер се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и добри соседи.

Тој неколкупати досега нагласи дека ставот на Владата е градење добри односи со сите соседи, но оти тие односи се двонасочна улица.

„Нашиот став како Влада е дека сакаме да имаме добри односи со соседите, дека сакаме да градиме мостови за соработка, но дека тоа за нас е двонасочна улица. Досега претпоставувам биле навикнати на еднонасочна улица, но сега сме ние политичари и Влада која што сака да водиме добрососедска двонасочна улица и така ќе продолжиме да се однесуваме“, изјави Мицкоски минатата недела.

САД, пак, нагласија дека не сакаат внесување билатерални спорови во НАТО. Директорот за Европа и НАТО во Пентагон Олтон Бјуланд неодамна во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски истакна дека САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО Алијансата.

Според најавите, главни теми на самитот на НАТО ќе бидат поддршката за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зајакнување на глобалните партнерства, но со примарна цел за манифестирање на единство меѓу сојузниците.

Покрај владината делегација, во чиј состав се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во Вашингтон е и претседателот на Собранието Африм Гаши кој, според најавите, треба да се обрати на Парламентарниот самит на НАТО, што се одржува во рамки на самитот на Алијансата. На овој настан најавено е учество на 23 претседатели на парламенти.

Во пресрет на самитот, шефот на дипломатијата Муцунски на Фејсбук видео порака по повод средбата во која оцени дека „настанот е одлична можност да ги демонстрираме единството на сите сојузници и заемните заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка“.

Најавувајќи го учеството на македонската делегација на собирот, Муцунски упати благодарност до „нашите стратегиски партнери за организацијата на овој историски самит, на кој Алијансата одбележува 75 години постоење“.

– Ние и понатаму продолжуваме да бидеме кредибилен НАТО-сојузник, со повеќе од два отсто од БДП за инвестиции во одбраната, како и со поддршката што ѝ ја даваме на Украина, истакна Муцунски во пораката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ