четврток, 18 јули 2024
Прес конференција на премиерот Мицкоски

Владата бара чаре како да се обезбедат пари за зголемување на пензиите и минималната плата

Бројките во Буџетот се катастрофални и прашање е како ќе се исплаќа она што е редовно предвидено во Буџетот, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој кажа дека Владата се обидува да биде креативна и граѓаните да не го почувствуваат тоа.

Објавено на

часот

Сподели

За зголемените пензии ќе има средства, а со синдикатите ќе седнеме заедно за да видиме дали има можност за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од Владата, рече Мицкоски.

„Во последниве седум години тајфун поминал низ државава и не само што ја ограбил, туку и жестоко ја уништил. Се надевам дека во првите 100 дена ќе имам можност да седнам со синдикатите, заедно со министрите за финансии, за економија и труд и за социјална политика демографија и млади, и да поразговараме и да им ги покажеме бројките за да видат со што се соочуваме“, рече Мицкоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека бројките во Буџетот се катастрофални и порача дека за исплата на пензиите заедно со линеарното зголемување ќе се најдат пари затоа што, како што рече, има правилна редистрибуција во Буџетот.

„Недостасуваат 2,5 милијарди денари за редовна исплата на пензиите, настрана од дополнителното линеарно зголемување кое го најавивме и ветивме. Сепак, ние ќе се бориме до последно за сѐ она што е од интерес на граѓаните да е и наш интерес и да го реализираме“, рече Мицкоски.

Затоа, како што кажа, ќе седнат со синдикатите за заедно да видат дали има можност и за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од владата како што бараат синдикатите.

„Ако има можност добро, но ако нема можност очекувам сите заедно да донесеме заклучок како заедно да работиме за да создадеме можност. Токму тоа е начинот на кој треба да функционира оваа Влада, да биде партнер со сите врз основа на можностите или што би рекле повозрасните да си ги пуштиме нозете колку што ни е долга чергата. Ако може да се најдат средства заедно ќе седнеме и ќе разговараме. Секој кој мисли дека има решение нека дојде, јас сакам да го слушнам и да разговарам. Сите решенија се добредојдени. Сите ние сме тука и работиме за доброто на граѓаните и за иднината на нашата заедничка држава“, потенцира Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ