недела, 21 јули 2024
Презентација на проектот за Ветерна фарма

Ветерниот парк ќе биде најголемата енергетска инвестиција во регионот (ФОТО+ВИДЕО)

Изградбата на ветерниот парк ќе започне во втората половина од идната година, вредноста е нешто над половина милијада долари и тоа ќе претставува најголема инвестиција во регионот од областа на обновливите извори на енергетиката, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната презенатација на проектот за 55 ветерници со учество и на министерката за енергетика и претставници на компанијата Алказар енерџи.

Објавено на

часот

Сподели

Ветерниот парк, како што беше посочено на денешната промоција на инвестицијата, ќе произведува електрична енергија со која ќе се задоволат потребите на околу 100 илјади домаќинства.

„Ваквиот почеток на мандатот со ваква инвестиција покажува дека како Влада сме насочени кон проекти што се во интерес на граѓаните. Со завршување на овoј проект дури 100 илјади македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Овој проект е значаен од многу аспекти – со него ќе се зајакне значително енергетката независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции. Ваков тип на инвестиции покажуваат дека довербата во оваа Влада уште на самиот почеток е голема и дека како опозиција работевме и сега како Влада само ќе продолжиме да работиме со зајакнато темпо“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека целта е земјата да стане енергетски независна во делот на енелектричната енергија и според него, тоа може да се реализира со детален план. Од земја увозник на струја, да станеме земја извозник на струја, потенцира премиерот.

„Планот го имаме, луѓето ги имаме, имаме тим за кој тврдам дека е најдобар во регионот. Останува да ја завршиме домашната задача што самите ја поставивме. Велат дека секој човек сонува за големи работи, а дека малку кој своите соништа ги креира во вистински проекти, Јас сум од оние луѓе кои сакаат да видат конкретни дела, а не се потпира само на даден збор. Така функционирам, а така ќе функционира и оваа Влада“, рече Мицкоски.

Министерката за енергетика Сања Божиновска рече дека станува збор за многу значајна инвестиција која ќе носи нови инвестеции во земјата, оценувајќи дека станува збор за зелена енергија, нешто кон што се стреми развиениот свет.

Таа најави и програма за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства во еден мандат за сопствениците на приватните куќи и станови.

„Поддршката ќе се однесува на поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, исто така и субвенции за граѓаните до 50 проценти од цената за набавка и инсталација на енергетска ефикасна опрема. Домаќинствата ќе имаат можност да го продаваат вишокот од произведената електрична енергија по подобри услови со промена на постоечката регулатива. Предвидуваме и промени на начинот на пресметка за исплата на продадената вишок произведена енергија“, посочи Божиновска.

Даниел Калдерон, ко-основач и генерален директор на Алказар енерџи рече дека инвестицијата ќе ѝ овозможи на Македонија  да ја добие толку потребната чиста и пристапна електрична енергија, но и ќе креира работни места.

„Нашата компанија гледа во Северна Македонија потенцијал со одлична локација за инвестиција, а со тоа се дава значење на капацитетите за создавање енергија од обновливи извори. Ние со нетрпение очекуваме одлична соработката со Владата и со локалните заедници во процесот на изградба на најголемиот парк на ветерници во земјата и со тоа силно ќе се зајакне капацитетот на државата со производство на струја од ветерници. И додека градиме одржлива инфраструктура каде е најпотребна – на пазарите во развој, паралелно генерираме приходи за инвеститорите. Нашиот успех во изградбата на вакви проекти за обновливи извори и нашата посветеност на принципите на ЕСГ практиките, е обележје за нашиот капацитет и посветеност во овие клучни региони“, рече Калдерон.

Компанијата Алкараз енерџи е водечки независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим на советници со седиште во Дубаи кои се фокусираат на големи проекти за обновлива енергија на пазарите во развој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ