недела, 24 ноември 2024

Веруваат ли и денес во Преспанскиот договор тие што гласаа за него пред 6 години?

И по шест години од ноќта на 19 октомври 2018 година, кога во македонското Собрание со 80 гласа „за“ беше изгласан предлогот за отворање постапка за уставни измени, всушност за имплементација на Преспанскиот договор во македонскиот Устав, контроверзна е перцепцијата дали тоа беше историска ноќ со негативен или позитивен исход за Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Веројатно, ако во овие шест изминати години Македонија ги имаше започнато и веќе беше при крај со преговорите со Европската Унија за да стане членка (како што беше ветувано од ЕУ дека ќе се случи со усвојувањето на Преспанскиот договор), можеби, иако со многу контроверзи, некако ќе претежнеше тасот на придобивките од  „балканските методи“ применети во Собранието на денешен ден пред 6 години, како што „препорача“ и тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан.

Но, со оглед на тоа дека продолжија уцените од соседните земји-членки на ЕУ за македонските евроинтеграции, и денес сè уште не можеме да ги отвориме поглавјата во преговорите со Унијата, поради нови непринципиелни услови од Бугарија – членството во НАТО „избоксувано“ преку Преспанскиот договор, изгледа како помалку од половична добивка за влогот со националните интереси и сменетото име на државата што го направи Македонија.

За отворање на Уставот за имплементација на Преспанскиот договор тогаш, во 2018 година гласаа сите пратеници од тогашното парламентарно мнозинство на СДСМ и ДУИ, што сепак беше недоволно за потребното двотретинско мнозинство. Тоа го овоможија осум пратеници од тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ, за кои до денес не се докажани, но не се ни демантирани тврдењата дека гласале под политички притисок и уцени за кривичен прогон. Во секој случај, со гласањето во Собранието на 19 октомври 2018 беше отворен патот за додавање на географската одредница „северна“ во дотогашното уставно име на државата Македонија, што ги повлече денес присутните настојувања за деноминација на македонскиот национален идентитет во „северномакедонски“, односно обиди Македонците да се именуваат според новото име на државата.

Во меѓувреме, за имплементација на Преспанскиот договор, беа изведени повеќе уставно и правно спорни постапки, кои сè уште оставаат отворени прашање во легалноста на целиот процес и според домашното, но и меѓународното право. Во текот на изминатите шест години беа поднесени иницијативи пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста и законитоста на амандманите за Преспанскиот договор, за кои судот се изјасни како ненадлежен.

Како правно спорни моменти во усвојувањето на Преспанскиот договор, останаа фактите дека указите за ратификација на законите. што ги гласаше Собранието за негова имплементација не беа потпишани од тогашниот претседател на државата, Горѓе Иванов, па беа потпишани со мошне „креативна“ правна процедура од тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери.

Шест години од денот кога беше отворен патот во Собранието на Македонија за Преспанскиот договор, во македонската јавност постојано се засилува чувството и перцепцијата за залудноста на националните жртви направени за него, а останува дилемата – дали и оние што гласаа за конечната спогодба со Грција, сè уште веруваат дека тоа било добра одлука.

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ