сабота, 20 јули 2024

Венко Филипче е избран за шести претседател на СДСМ

Со  9.052 гласови од вкупно излезени 12.200 гласачи од запишаните 23.373, Венко Филипче вечерва е прогласен за победник на вонредните избори во партијата.  Јован Деспотовски доби 2.705, а Александар Бајдевски 905. Неважечки се 159. Славјанка Петровска, иако се повлече од изборната трка, остана на избирачкото ливче и доби 190 гласа. Освен Филипче кој вети обединување на партијата, по објавувањето на резултатите зборуваа и другите двајца кандидати, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски. На својот фејсбук профил се огласи и Славјанка Петровска.

 

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

По соопштувањето на резултатите, Филипче кажа дека нема време за славење туку дека сега е време за работа.

„Нема време за славење. Следува период на реорганизација и реформа, согласно моите програмски ветувања, со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо, ниту лесно, но нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, освен да направиме вистински и темелни промени. Промените не можеме ниту да ги лажираме, ниту да бидат половични. Нема да делам, туку ќе обединувам. Силно ќе се спротивставам на оние кои ќе се обидат да ја ослабнат партијата за личен интерес“, порача Филипче.

Тој вети дека ќе направи сѐ за да не ја изневери довербата на членството и ќе работи онака како што ветил и се обврзал.

„Оваа победа за мене претставува огромна одговорност кон вас членовите на СДСМ, кон сите наши граѓани и кон нашата држава. Вечерва во СДСМ победи емпатијата, професионализмот, грижата за луѓето како мои основни вредности по кои ќе работи и функционирта СДСМ. Моја цел е да вбризгам принципите кои ме водат во мојот личен и професионален живот, принципите на заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација со кои ќе ја одликуваат СДСМ под моето раководство“, подвлече Филипче во обраќањето.

Рече дека како претседател нема да дели туку ќе обединува, ќе води со пример, силно ќе се спроитистави на оние кои ќе сакаат да ја ослабат партијата на сметка на личниот интерс, дека СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија подготвена за претстојните  предизвици.

„Многумина сакаа да ја видат СДСМ клекната и поразена. Се надеваа дека партијата нема да опстане и се ситат на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а на оние кои се надеваат на лоша иднина им порачувам – длабоко ќе се разочараат. Ветувам дека ќе бидеме силна опозиција, ќе се бориме со сите сили да ги спречиме лошите политики на власта и ќе бидеме коректив во општеството. СДСМ бил и ќе биде гласот на разумот, секогаш кога граѓанската волја ќе биде погазена, или се прават штети на држвата. СДСМ секогаш ја одбирала страната на напредокот, на демократијата, на државноста и европските вредности и затоа мора да продолжиме да чекориме по тој пат, мора да се бориме граѓаните да го препознаат тоа во нас, бидејќи тоа ќе значи победа за СДСМ“, порача Филипче.

По објавувањето на резултатите пред членството и јавноста се обратија и другите двајца кандидати, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски.

Деспотовски рече дека се радува на изборот на Филипче, но не се радува за СДСМ.

„СДСМ е голема и слободарска партија. Не можеме да зборуваме за избран претседател на партија кога 10 илјади членови не гласаа, а имаме избран претседател со 9 илјади гласови. Им благодарам на сите кои гласаа, но им благодарам и на оние кои излегоа, а не им беше дозволено да гласаат, а такви има многу. Додека не одговориме на две прашања во оваа партија, не мислам дека треба да зборуваме за завршени избори. Зошто на тие 10 илјади членови не им беше дозволено да гласаат и зошто оние кои излегле, биле вратени. За резултатот немам коментар. Како другар се радувам за Венко, ама не и за СДСМ. И вечерва зградата е празна и тоа треба да нѐ загрижува“, рече Деспотовски.

Деспотовски најави дека утре ќе поднесе приговори поради забележани изборни нерегуларности.

Бајдевски рече дека по завршувањето на внатрепартиските избори време е СДСМ да се фати за „она што ѝ е работа“, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и Владата што ја формираше оваа партија. Забележа дека пред изборите за претседател на СДСМ подобро ќе беше ако се одржеше конгресот кој беше прекинат.

„Ќе беше добро да се одржи конгресот на кој ќе се утврдеа причините за поразот на 8 мај. Сметам дека требаше и да за затворат некои прашања како што е списокот на нашето членство за што сметам дека придонесе за малиот одзив на овие избори. Но јас верувам во СДСМ и ќе бидам тука за да продолжам да ги промовирам вредностите што ги промовирав во изминатите 20 дена“, рече Бајдевски.

На својот фејсбук профил се огласи и Славјанка Петровска.

„Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија!“, напиша Петровска.

Претходно, претседателката на Централната изборна комисија на СДСМ Викторија Аврамовска Мадиќ ги соопшти резултатите и го промовира Филипче во нов претседател на СДСМ.

„Вечерва СДСМ доби нов претседател. Во една фер и демократска процедура на внатрепартиски избори Социјалдемократите го избраа др. Венко Филипче за претседател на СДСМ. По завршување на гласањето во 20 часот во 77 избирачки места пристигнаа прелиминарните резултати кои се 95 отсто обработени. Од нив Филипче има 9.052 гласа, Александар Бајдески 905, Јован Деспотовски 2.705 и Славјанска Петровска 190 гласа. Неважечки се 174. Конечните резултати ќе ги објавиме во рок од 48 часа по истекот на рокот за приговори и жалби“, изјави претседателката на Централната изборна комисија на СДСМ Викторија Аврамовска Мадиќ.

Таа се заблагодари до ЦИК, до сите членови на општинските избори, на сите кои се вложиле во овој процес да биде, како што рече,  легитимен, демократски и да помине во фер и демократска атмосфера.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ