Зад потеклото на името „мохито“ стојат повеќе теории; една од нив вели дека името потекнува од кубанскиот зачин „мохо“, направен од лимета, кој служи за да се зачинуваат јадења. Една друга теорија е дека „мохито“ едноставно е збор изведен од мохадито, што на шпански значи „мал, мокар“, или едноставно е деминутив од мохадо, „мокар“ („мокричок“). Според друга теорија, пак, името на пијалакот доаѓа од африканскиот збор „мохо“, што значи „да фрлиш магија“.
Но Африка ја нема честа да го прогласи мохитото за свој пијалак – тоа право го има Куба, каде што многумина тврдат дека мохитото го правеле робовите што работеле на плантажите за шеќерна трска во доцните 1800-ти.
Други велат дека за создавањето на мохитото е заслужен сер Ричард Дрејк, дури во далечната 1586 година. Легендата вели дека англискиот пират сер Ричард Дрејк ја приготвил првата верзија на пијалакот употребувајќи агуардиенте (со значење „огнена вода“, примитивна верзија на румот). Тој го измешал со малку шеќер, лимета и ментол-нане и ја добил раната верзија на денешниот популарен пијалак. Според приказната, пијалакот првично бил нарекуван „ел драки“ (или „змејот“, по шефот на Дрејк, сер Франсис). Мохитото стигнало на Куба кога овие пирати се истовариле таму во својот поход по богатство низ Карибите и Латинска Америка. Првобитно тој бил консумиран за медицински потреби. Во 1940 година кубанскиот драматург и поет Федерико Вилош рекол: „Кога агуардиентето било заменето со рум, ел дракито почнало да се нарекува мохито.“
Која од овие приказни е точна? Не е сигурно. Но одличниот коктел заслужува одлична приказна! А кога сме кај приказни, мохитото му било омилен пијалак на писателот Ернест Хемингвеј (всушност, негов најнајомилен пијалак било даикирито). Хемингвеј го прославил барот „Ла Бодегита дел Медио“ со тоа што станал еден од неговите редовни посетители и напишал „Моето мохито е во Ла Бодегита, а моето даикири во Ел Флоридита“. Овој напис со неговиот ракопис и денес може да се прочита на ѕидот на барот. Мохито во „Ла Бодегита“ често пиеле и Салвадор Аљенде, Пабло Неруда, па дури и најславниот Џејмс Бонд, чиј омилен пијалак е вотка мартинито, сркнува една чаша мохито во филмот „Умри друг ден“.