сабота, 19 октомври 2024

Вечер на македонските студенти во Будимпешта

Македонската амбасада во Будимпешта беше местото каде се одржа Вечер на македонските студенти, средба која ги обедини македонските студенти кои се школуваат во унгарската престолнина и другите градови, но и оние од Унгарија и другите држави кои го изучуваат македонскиот јазик.

Објавено на

часот

Сподели

„Во моментов имаме една прилично голема група на студенти, кои се тука благодарение на билатералната соработка помеѓу Унгарија и нашата татковина, преку стипендијата Унгарикум. Многу од нив се и во приватна режија овде на студии, затоа што Будимпешта станува еден меѓународен центар. Се разбира, има и докторанти и магистранти, кои што ги довршуваат своите студии во Унгарија, не само во универзитетите во Будимпешта, туку и во Дебрецен, во Сегедин и на другите места ширум оваа земја“, истакна Ивица Боцевски, специјалниот претставник на Владата при унгарското претседателство со Советот на Европската Унија.

Оваа иницијатива дошла од  неколку причини.

„Јас сум бил исто така студент во странство, знам колку значи, кога амбасадата ќе пружи рака. Јас бев помеѓу 2002 и 2004 година во САД, и тогаш, имав шанса да соработувам со mакедонската амбасада. Амбасадор тогаш беше Никола Димитров, и исто така се трудевме колку што е можно повеќе дипломатите од амбасадата и самиот амбасадор, ширум САД, да држат предавања, да ја промовираат нашата земја и да ги запознаваат Aмериканците со тоа што ние го правиме“, додава Боцевски.Тој во Будимпешта е на специјална мисија поврзана со европската интеграција.

„Овие студенти овде, овие деца ја живеат Европа, покажуваат дека Mакедонците имаат што да ѝ понудат на Европа. Секој од нив е далеку поголем амбасадор, не само од мене, туку од кoj било mакедонски амбасадор. Секоја училница каде што учат, студираат и одговараат, е претворена во една мини амбасада каде што тие ја претставуваат нашата култура, нашата традиција и квалитетот на учениците кои што ги гледам овде, зборува самиот за себе. Дел од нив планираат дома да ја продолжат кариерата, дел од нив во Европа, меѓутоа самиот факт што се овде, зборува дека е жива врската меѓу матицата и меѓу нашите студенти“, рече Боцевски.

На средбата имаше многу студенти вљубеници во македонскиот јазик од Кина, Украина, Панама и други земји.

Од македонските студенти Дарија Пројковска ја пееше „Битола мој роден крај“, а Александра Јовановски ја истакна важноста на овие средби.

„Студирам на ЕЛТЕ, се радувам на ваквите средби, имав можност да запознаам многу студенти од странство кои го изучуваат македонскиот јазик, но и наши студенти. Убави се овие дружења бидејќи немаме често можност да се дружиме меѓусебно на вакви настани“, рече Јовановски.

Дел од овие студенти го изучуваат македонскиот јазик кај лекторот Златко Панзов на универзитетот ЕЛТЕ. „Овие вечери се многу важни за промоција не само на нашата култура, туку и на нашиот јазик. Така што, ваквите настани се од голема корист за видливост на нашиот јазик, односно на лекторатот каде што го предавам, на универзитетот ЕЛТЕ“, рече Панзов.

Заинтересираноста на студентите кои го изучуваат македонскиот јазик е се поголема. И овој семестар имаат околу 20 до 25 студенти.

„Оваа година, за разлика од останатите семестри, имаме голем број на интернационални студенти, од Панама, Кина, Кореја, Украина, Русија… Така што, веќе многу добро се знае за лекторатот, иако таму има 70 лекторати, се знае за тоа дека има македонски јазик на ЕЛТЕ.  Многу тешко е да се биде видлив меѓу останатите, но се поголемиот број на интернационални студенти кои доаѓаат на ЕЛТЕ и ги посетуваат курсевите по македонски јазик,  зборуваат за успехот, за целата наша македонистика, не само за мојата работа во Унгарија, туку и  пошироко. Потребна е поголема поддршка на лекторатите“, истакна лекторот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ