недела, 21 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Важноста на дефинирање на критичната инфраструктура во Македонија

Издвојувањето на критичната инфраструктура како безбедносен и оперативен термин е релативно нова појава која особено се актуелизираше по рускиот напад врз Украина, опфаќајќи најчесто енергетски и транспортни системи, но и системи за вода и сообраќајна инфраструктура. Сепак, иако терминот е нов, тоа не значи дека критичната инфраструктура е новa појава.

Напротив, секој општествен поредок во секоја доба од човештвото имал некаква своја критична инфраструктура, односно системи есенцијални за општественото функционирање – водоснабдување, производство и снабдување со храна, определени патни коридори.

Во променетата безбедносна средина, критичната инфраструктура е легитимен објект на заштита кој мора да биде препознаен од системот како таков преку императивот на нормата, односно правната рамка. Taa е безбедносно определување кое генерира создавање на нови правни норми и интерпретација на постоечките во поинакво светло и бара примена на правна аналогија.

Најголем дел од критичната инфраструктура денес е во приватна сопственост.

Следствено, без оглед каде се наоѓа определен сегмент од критичната инфраструктура – самата држава повеќе не може да биде способна да ја обезбеди во целост и може да биде во голема мера зависна од приватниот сектор за оваа намена.

Корпорациите во чија сопственост е значителен дел од критичната инфраструктура постојано го прошируваат пазарот и дејноста, стремејќи се да постигнат доминација и профит. Голем дел од сопственоста е во ризични подрачја.

Дефинирање на критичната инфраструктура

Различни држави препознаваат различни сектори на критична инфраструктура согласно сопствените локални прилики и потреби. Дефинициите варираат но најмал заеднички содржател секогаш се виталните општествени функции. Во САД, под критична инфраструктура се подразбираат „Системи и средства, физички или виртуелни, витални за значењето на една држава, при што нивното онеспособување или уништување ќе има негативен ефект врз националната, економската и социјалната безбедност.“

Холандија препознава две категории на критична инфраструктура, од кои во категорија А спаѓаат: транспортни мрежи и национални преносни системи за гас и електрична енергија, нуклеарни материјали и систем за водоснабдување, кои се третираат со повисоко ниво на заштита, а во категорија Б со пониско ниво на заштита спаѓаат регионалната дистрибуција на гас и електрична енергија, авиособраќај и поморски сообраќај, поголеми резерви на петрохемиската индустрија, полициска мобилизација, владини услуги што се зависни од релевантни и достапни дата-бази и информациски системи, комуникациски системи помеѓу итните служби и финансискиот сектор.

Во Северна Македонија, критичната инфраструктура сè уште не е идентификувана или определена.

Усогласувањето со Директивата 2008/114 беше дел од обврската за усогласување со законодавството на Европската Унија, во делот на поглавје 24 – Слобода, безбедност и правда, но тоа не се случи. Дополнително, критичната инфраструктура е еден од врвните приоритети и на НАТО алијансата.

Нејзиното непрепознавање во нормативна смисла, не значи и дека истата фактички не постои, но отсуството на норма остава поголем простор за ранливост во делот на меѓузависностите кои се јавуваат помеѓу секторите. Впрочем, критичната инфраструктура е веројатно најексплоатираниот термин во руско-украинската војна. Препознавањето на критичната инфраструктура како таква ќе значи дека конечно, институционално, го зборуваме јазикот на сојузниците.

Критичната инфраструктура како средство и како цел на војната

ООН проценува дека приходот што го заработи ИСИС од нафта и нафтени продукти во 2015 година е помеѓу 400 и 500 милиони долари. Исто така, ИСИС ја користи водата и водните системи и како оружје и како средство. Од 2013 година, Исламската држава започна речиси 20 големи напади (како и безброј помали напади) против сириската и ирачката инфраструктура за вода. Некои од овие напади вклучуваат поплави во селата, заканувајќи се да го поплават Багдад, затворајќи ги портите на браните во Фалуџа и Рамади, прекинувајќи ги водата во Мосул и труејќи ја водата во помали места.

Повеќето од овие операции се насочени кон владините сили, со цел да се борат против војската со користење на водата како оружје против нив, и со некои пренасочувања на инфраструктурата за вода за да ги прекинат движењата на војниците.

Ваквите напори, исто така, често имаат дополнителна корист за подобрување на напорите за регрутирање; со дозволување водата да тече во градовите кои ги поддржуваат, за да придобиваат нови следбеници.

Од друга страна, од снабдување со вода беа отсечени христијанските и шиитските градови и ваквата стратегија имаше ефект на промена на демографската слика, принудувајќи го наслението на миграција. Надвор од боиштата на Блискиот исток, транспортните системи се најатрактивна мета во западните земји.

Поимно определување на заштитата на критичната инфраструктура

Европската Унија во Директивата 2008/114, под „заштита на критичната инфраструктура“ ги подразбира „сите активности насочени кон обезбедување функционалност, континуитет и интегритет на критичните инфраструктури со цел да се одврати, ублажи и неутрализира закана, ризик или ранливост.“

Со оглед на природата и карактеристиките на критичната инфраструктура како таква, заштитата се сведува на „all hazards approach“ (единствен пристап кон сите закани).

Во таа насока, НАТО ги промовира вредностите за заштита на критична инфраструктура, со вршење ревизија на степенот на подготвеност на земјите членки во однос на планирање и мапирање на инфраструктурата, при што Алијансата не навлегува во директно регулирање на областа, но формулира програми за поддршка на националните планови, во смисла на промовирање високи стандарди за подготвеност и подобрена интероперабилност во менаџирање на евентуални последици.

Тесна врска со сајбер-безбедноста

Како дел од стратегијата на ЕУ за сајбер-безбедност усвоена во 2013, во 2016 година беше донесена Директивата за постигнување на заедничко високо ниво на мрежите и информациската безбедност, позната како NIS Directive. Крајниот рок за национално транспонирање од страна на земјите членки на ЕУ беше 9 мај 2018 година.

Директивата има три дела кои се однесуваат на: Градење на национални капацитети, во секоја земја членка поединечно; Прекугранична соработка и Национален надзор на критичните сектори. Притоа, земјите членки на ЕУ треба да ја надгледуваат сајбер-безбедноста на критичните пазарни оператори во нивната земја. Ова опфаќа и претходен, односно Ex-ante надзор во критични сектори (енергетски, транспорт, вода, здравство и финансискиот сектор) но и евалуаторски, односно ex-post надзор за критични набавувачи на дигитални услуги (точки за размена на интернет, системи за имиња на домени итн.).

Усогласувањето и со директивата која се однесува на сајбер безбедност и со директивата која се однесува на заштитата на критичната инфраструктура е обврска на земјата во контекст на усогласување со правото на ЕУ како земја кандидат за членство.

Холистичкиот пристап како единствен одговор

Од изворите на меѓународно право, тешко можат да се издвојат посебни норми што ја третираат критичната инфраструктура како таква. Во контекст на националното право, ситуацијата е многу полесна доколку поединечната држава директно ја регулира проблематиката од интерес. Во тој контекст, исто така е важно на која правна традиција ѝ припаѓа конкретната држава: континенталната или англосаксонската, поради изворите на право на кои секоја од нив се повикува.

Со оглед на фактот дека голем дел од критичната инфраструктура е приватизиран, за операторите ќе важат одредби од граѓанското право, посебно во делот на сопственичките и облигационо-правните односи.

Најчесто, доколку се работи за странски директни инвестиции, имаат и посебен режим на заштита и некои аспекти се регулираат и со меѓународното инвестициско право и со националниот закон. Неспорно своја улога ќе најде и меѓународното инвестициско право.

Со оглед на се поголемото влијание на глобалното затоплување и природните катастрофи, меѓународното еколошко право допрва ќе биде центарот на гравитација на дебатата. Посебна улога во националното законодавство имаат и регулаторните тела и агенции и подзаконските акти кои ги донесуваат истите.

Кривичното законодавство, пак, има посебна заштитна и превентивна улога која беше елаборирана засебно. Сите актери мора да го пронајдат своето место во системот за управување со кризи, базирајќи се на централизирано управување, а децентрализирано извршување. Обврската за стандардизација, безбедносните протоколи и заштитата при работа, исто така мора да се испочитуваат соодветно во секоја сфера.

За сето тоа да се случи, неопходно е да се стандардизира нормативната рамка, односно националниот правен систем да ја препознае и признае критичната инфраструктура како вредност преку усвојување на првиот закон за заштита на критичната инфраструктура.

Ваквата иницијатива е веќе започната во Министерството за одбрана, а предлог законот има за цел да ја постави заштитата на критичната инфраструктура како врвен национален приоритет и да иницира етаблирање на функционален систем согласно стандардите на сојузниците.

                                                                                                                                                   Весна Попоска

КОЛУМНИ

Шанг-Јин Веи

Дaли обидот за атентат ќе му донесе победа на Трамп?

Ристо Цицонков

Кaков систем за климатизација да се одбере?

Бојана Јовановска

До каде сме со (анти)родовите политики?

Рајко Пеколски

За дупките

Димитар Љоровски Вамваковски

Појавата на македонскиот протонационализам: Патот кон создавање на македонската национална посебност

Бранко Азески

Азески и Мицкоски со директна поддршка за компаниите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ