Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во обраќањето на прес-конференција по тој повод истакна дека со реализацијата на овој проект на дело се потврдува посветеноста на Владата и на Министерството за модернизација и создавање брз и ефикасен систем за водење на заштитните евиденци и транспарентен систем за управување со културните добра.
„Дигитализацијата на културното наследство претставува основа за заштита и промоција на нашата историја, култура и идентитет. Софтверот кој ќе биде достапен за сите релевантни институции од областа на заштитата на културното наследство, има за цел обезбедување унифициран начин на водење на заштитните евиденции и централен пристап на јавноста до податоците за целокупното културно наследство во земјава. Сето ова меѓу другото ќе придонесе и за подобра координација и соработка меѓу различните субјекти вклучени во заштитата и промоцијата на културното наследство“, рече Љутков.
Според него, со ова ќе се овозможи поефикасно управување и заштита на културното наследство, олеснување на процесите за централно поврзување на институциите. До софтверот ќе може да се пристапи преку секој интернет пребарувач од компјутер или паметен телефон кој има пристап до интернет. Она што е битно да се знае е фактот дека во јавниот дел ќе може да пристапи секој граѓанин, додека во делот за внесување податоци, од безбедносни причини, ќе може да пристапат само овластени лица, вработени во институциите од областа на заштитата на културното наследство.
„Реализацијата на овој проект, не е само техничко решение, туку е и дел од нашата визија за модерна културна политика, која се заснова на иновации, заштита и инклузивност. Денес, го поставуваме темелот на новото поглавје во управувањето со културното наследство. Заедно продолжуваме да го чуваме нашето наследство и да ја градиме иднината врз вредностите на минатото“, подвелече министерот Љутков кој изрази благодарност до сите кои беа вклучени во неговата реализација, од стручните лица до институциите кои ја поддржаа оваа иницијатива.
Директорката Весела Честоева посочи дека Управата за заштита на културното наследство, во наредниот период ќе ги внесе сите податоци во ова софтверско решение и ќе ги ажура постоечките, а тоа значи над 8000 регистрирани и евидентирани недвижна добра и ќе треба да се внесат околу 25.000 икони кои се наоѓаат во нашите цркви и манастири како и 500.000 археолошки, историски, етнолошки и уметнички предмети кои се наоѓаат во музеите во РМ, но постепено и со посветена работа овој процес ќе доведе и до целосна дигитализација на заштитните евиденции на Националниот регистар за културното наследство.
„Првично пристап до софтверот за водење на заштитните евиденции и Националниот регистар ќе биде ограничен исклуливо на институциите кои работат во овој дел, тоа се заводите и музи и музеите на Република Македонија. Досега сите овие музејски институции работеа по два софтвери за кои што државата издвојуваше високи финансики средства, а кои што самите заводи и музеи ги купуваа и плаќаа за тоа одрдена сума. Сега со ова софтверско решение заводите и музеи ќе можат бесплатно да ги внесат податоците, а ние да ги преземеме и да можеме да ги ставиме во националниот регистар. Со тоа ќе се исполнат законските обврски на институциите за водење заштитни евиденции, а исто така системот ќе може да се користи во едукативни и научни цели, со оглед на тоа што податоците за културното наследство ќе бидат лесно достапни за пошироката и научна јавност, секако со одредени ограничуивања од безбедносен карактер“, вели Честоева.
Овој систем ќе биде во функција и од голема корист и за други државни институции и приватни фирми чии дејности се поврзани со заштитата на културното наследство, а ќе може да го користат и општините.
Вредноста на софтверот е 100.000 евра, а тендерот во 2021 година за негова изработка го доби Телеком како најповолен понудувач. Софтверското решение согласно договорот било завршено во октомври 2024 година.