Во маркетите низ градот, рафтовите со вода се празнат. Продавачите низ неколку маркети истакнуваат дека побарувачката е огромна.
„Како што ги редиме, така ги земаат,“ вели една од продавачките во маркет во Лисиче.
Од друга страна, дел од граѓаните изразуваат загриженост поради недостатокот на јасни информации за траењето на прекинот.
„Купивме што можеме, но никој не кажува колку ќе трае ова. Не знаеме дали да се подготвиме за еден ден или за подолго,“ изјави граѓанин.
Најавениот прекин ќе ги зафати речиси сите населби во Скопје, освен неколку како Чаир, Бутел, Ѓорче Петров и Топанско Поле. Причина за прекинот е санација на главниот градски цевковод Ф-1600 и замена на децении стари затворачи, што, според „Водовод и канализација“, ќе овозможи значително намалување на загубите на вода и подобрување на притисокот во водоводната мрежа.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, увери дека дефектот ќе биде саниран во рок од 24 часа и нема да има потреба од дотур на вода.
„Техничките лица се подготвени и ќе ја завршат санацијата во најкраток можен рок. Ова е дел од стратешката рехабилитација на градскиот водовод,“ истакна неодамна Арсовска.
И покрај уверувањата, скопјани продолжуваат да се снабдуваат со вода, подготвувајќи се за можноста прекинот да трае подолго од најавеното.