вторник, 22 октомври 2024

Уставот ја штити Кацарска, нема пречки да остане судија во Уставен, заклучи Судот

Функцијата уставен судија не престанува по основ на остварување старосна пензија, изјави денеска портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска откако Судскиот совет на почетокот на месецов испрати известување до претседателот на Собранието, Африм Гаши дека судијката Добрила Кацарска ги исполнила условите за остварување на старосна пензија со што го губи статусот на активен судија, што е услов еден судија да може да биде избран за член на Уставниот суд.

 

 

Објавено на

часот

Сподели

„Во врска со информациите доставени до Собранието дека судијката на Уставниот суд Добрила Кацарска исполнила услови за старосна пензија во јуни 2022 година, Судот денеска донесе заклучок дека согласно членот 109 изменет со амандманот 15 од Уставот, јасно и прецизно е уредена постапката и надлежните органи за предлагање и избор на судиите на Уставниот суд“, информираше портпаролката Христина Беловска.

Истакна дека согласно членот 111 од Уставот, јасно се определени условите за престанок на функцијата на уставен судија и оттука станува јасно дека единствен надлежен орган да одлучува за престанок на судија на Уставен суд е самиот Уставен суд.

„Секое преземање на било какво дејствие од било кој државен орган, надвор од уставно предвидените одредби во членот 111, претставува грубо кршење на Уставот и упад во независноста и самостојноста на Уставниот суд. Судот потенцира дека во 60-годишното постоење, не постои случај да престане функцијата на уставен судија по основ на остварување на старосна пензија“, нагласи Беловска.

Судскиот совет на почетокот на месецов испрати известување до претседателот на Собранието, Африм Гаши дека судијката Добрила Кацарска не може да биде уставен судија затоа што ги исполнила условите за остварување на старосна пензија со што го губи статусот на активен судија, што е услов еден судија да може да биде избран за член на Уставниот суд.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски минатата недела изјави дека основите за престанок на функција на уставен судија ги уредува Уставот и оти не може да се прави поистоветување меѓу членство во Судски совет и членство во Уставен суд.

На новинарско прашање дали судиите се солидаризираат со судијката Добрила Кацарска, Беловска рече дека Судот одговара дека со денешниот заклучок Судот го штити Уставот, својата независност и самостојност.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ