Што се однесува до уставните измени словенечкиот премиер кажа дека промената на Уставот е позитивна работа но тоа мора да оди паралелно со преговорите.
„Промената на Уставот е позитивна работа за да се зајакне положбата на малцинствата. Јас верувам дека со задоволство ќе ја шириме информацијата дека имате најнапреден Устав во поглед на заштита на малцинствата. Па секој кој сака да ги заштити своите малцинства ќе ја поддржи Северна Македонија“, рече Голоб.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски пак рече дека што се однесува до односите со соседите, актуелната македонска влада е таа која што изминатите пет години ги затвори сите отворени прашања со соседите. За односите со Бугарија, Ковачевски рече дека се засновани на институционална комуникација.
„Со Албанија немаме отворени прашања. Со Србија исто така. Последно беше решено прашањето за примање на МПЦ во канонско единство од страна на српската црква. Со Грција односите ни се на исклучително високо ниво. Северна Македонија и во минатото носела храбри одлуки. Последна таква е прифаќањето на европскиот предлог заснован врз Договорот за добрососедство со Бугарија за отпочнување на преговорите со ЕУ. И оттука излеговме посилни затоа што после 17 години чекање ги започнавме преговорите со унијата и скриниг процесот. Пред нас се уставните измени како обврска од преговарачката рамка. Кога и нив ќе ги донесеме државата повторно ќе стане посилна. Ќе продолжиме со втората меѓувладина конференција па отворање на кластерите сѐ до полноправно членство во ЕУ“, изјави Ковачевски.
На денешната прес конференција ѝ претходеше средба на двајцата премиери а потоа и билатерален состанок на којшто присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон и министерката за дигитализација на Словенија, Емилија Стојменова Дух.
На состанокот е констатирано дека Македонија и Словенија веќе 31 година развиваат искрено и цврсто пријателство, кое што резултира со продуктивна билатерална соработка, соопштија од владината прес служба.
На средбата била потенцирана и улогата на Македонија како промотор на културата на дијалог во регионот, којашто со политиките на добро разбирање и дијалог во регионален контекст и со континуитетот во поддршката на европските вредности и поставувајќи се јасно и ефективно на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина и со претседавањето со ОБСЕ, активно придонесува во регионалната стабилност и перспективи.