петок, 13 декември 2024

Косовската претседателка Османи најавува отпор на сите Албанци за „поткопување на правата на Албанците во Македонија“

Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека Албанците се конститутивен народ во Македонија, „со решавачки придонес за демократизацијата и евроатлантската интеграција на земјата“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето годишно обраќање пред Собранието на Косово, Османи порача дека „секој обид да се поткопаат“ правата на Албанците во Македонија, „ќе наиде на решително противење и непоколебливо единство на Албанците од целиот Западен Балкан“.

Косовската претседателка порача дека ќе се преземе сé „за да не се направи чекор назад“ во однос на правата на Албанците стекнати со Охридскиот договор.

„ Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор и сакам да ги уверам сите дека ќе дадеме сé од себе за да не се направи чекор назад, туку само чекори напред. Албанците се конститутивен народ во Македонија со одлучувачки придонес за демократизацијата и евроатлантската интеграција на земјата, затоа секој обид за поткопување на нивните права ќе наиде на решително противење и непоколебливо единство на Албанците од целиот Западен Балкан“, рече Османи.

Косовската претседателка истакна дека е неопходна континуирана координација меѓу Косово и Албанија, особено за прашањата од надворешната политика и безбедноста, но пред сé за заштита на правата на Албанците.

„ Во оваа насока, континуираната координација меѓу Косово и Албанија, особено за прашањата од надворешната политика и безбедноста, но пред сè за заштита на правата на Албанците во целиот регион и секаде каде што живеат, е од клучно значење за нашиот успех и за напредување кон евроатлантското семејство, каде што го имаме и го заслужуваме нашето место“, рече Османи.

Годишниот говор на Османи во Собранието на Косово, годинава, како и лани, го бојкотираат најголемата парламентарна опозициска партија, Демократската партија на Косово, како и Алијансата за иднината на Косово, додека само пратениците на третата албанска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово, се присутни во собраниската сала.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ