Како што инфомираат оттаму, Судот оценил дека членот 110 од Законот за Јавното обвинителство не е во спротивност со Уставот и одредбите на кои се повикуваат подносителите.
„Од направената анализа и изнесената фактичка состојба произлезе дека законодавецот јасно, прецизно и недвосмислено ги пропишал начинот на користење и уништување на материјалите и транскриптите од незаконски прислушуваните материјали со прецизирање на рокови за уништување на истите, категорично задолжувајќи го Јавното обвинителство што да прави во конкретни започнати и незавршени обвиненија и предмети поврзани со неовластено прислушуваните материјали“, пишува во соопштението од судот.
Дополнуваат дека се осврнале и на едни од носечките наводи содржани во иницијативите според кои материјалите од незаконски следените комуникации не се докази прибавени во согласност со закон и истите не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука и дека оспорените одредби се ретроактивни.
„Притоа, во расправата по однос на првиот навод, како аргумент беше изнесена и праксата на Европскиот суд за човекови права, но и домашната судска пракса по ова прашање, како и релевантната законска регулатива, а посебно член 12 став 2 од Законот за кривичната постапка. Сепак она што го прави овој навод неоснован, а тоа е што постои разлика помеѓу поимите „прибавување“ и „создавање“ докази. По однос на вториот навод, се зазеде став дека оспорените одредби немаат ретроактивно дејство на штета на граѓаните против кои претходно биле поднесени обвиненија“, дополнуваат оттаму.
Подносители на иницијативите се Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје и Влатко Илиевски, адвокат од Скопје.