недела, 14 јули 2024

Уставниот суд може да смени одлука, кажа Костадиновски за наплата на долговите

Не е ништо спорно доколку судот ја промени одлуката. Имаме нов судија, кој не учествувал во претходната одлука или имаме судија кој го преиспитал својот став, вели претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски одговорајќи на новинарско прашање во врска со Законот за облигациони односи во делот на наплатата на долговите и носењето две различни одлуки во период од шест месеци.

Објавено на

часот

Сподели

Костадиновски, вели дека има голема разлика во пресудена работа во редовното судство и во уставното судство и дека „не е ништо спорно доколку судот ја промени одлуката“.

„Во уставното судство пресудената работа има сосема поинакво значење. Имаме нов судија, кој не учествувал во претходната одлука или имаме судија кој го преиспитал својот став, секако согласно своето слободно судиско уверување или доколку од донесувањето на одлуката не поведеме постапка, а се појават околности кои ни укажуваат дека сепак се појавиле некои уставни околности, не е ништо спорно доколку судот ја промени одлуката. Сепак тоа е одлука на суд, тоа не е одлука на еден судија. Редовните судови судат спорови, Уставниот суд има сосема друга функција. Уставниот суд го чува Уставот, чувајќи го Уставот го штити системот, во кој треба да владее правото“, изјави Костадиновски во гостувањето на МРТ.

Во однос на најавените реформи на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители Костадиновски вели дека Владата и Собранието имаат легитимно право и уставно овластување ако увидат слабости да изменуваат и да дополнуват одредени законски решенија и порачува дека „од исклучителна важност за правната држава е било какво законско решение да биде во согласност со Уставот“.

„Состојбите се општо познати. Појдовна точка е лошата перцепција на граѓаните, односно недовербата во правосудниот систем. Сосема е легитимно органите кои имаат уставно овластување и уставна надлежност, како што е Владата, Собранието да ги нормираат општествените односи или веќе нормираните општествени односи, ако увидат слабости да пристапат кон измени и дополнување на одредени законски решенија. Тоа е легитимно право и уставно овластување на тие органи“, изјави Костадиновски.

Прашан за неговиот став за предлогот за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Костадиновски, посочи дека не е надлежност на Уставниот суд да ја цени целисходноста на нивната намера, туку, дали тоа е во согласност со Уставот.

„Наша надлежност е тоа што ќе се нормира, ако проценат дали во оваа област или во која било друга област дека има потреба од измени и промени да биде во согласност со Уставот. Примарна работа на секој еден граѓанин и секоја една институција во оваа држава е да го почитува Уставот. Тоа важи за мене, тоа важи за вас, за Владата и за Собранието. Од исклучителна важност за правната држава е било какво законско решение да биде во согласност со Уставот“, изјави Костадиновски.

Костадиновски најави дека во иднина нема да има чување на предмети и порача дека на состанок со другите уставни судии веќе им најавил дека бара од септември тие предмети да бидат ставени на одлучување.

„Чување на предмети нема да има. Точно е дека ние имаме предмети уште од 2017 година. На првиот работен состанок со своите колеги им најавив дека тие предмети барам и инисистрам веќе од септември-октомври да се изнесат за расправа и одлучување. Нема од што да бегаме, доколку сите фактори се залагаат во оваа држава да владее правото, тогаш нема потреба од бегање. Нема потреба од чување на мир во куќа или заради сензибилност, да не се наруши некоја општествена состојба. Силата на нашите аргументи треба да биде доволна за ние да одлучуваме по предметите и нашите одлуки да бидат почитувани од сите. И тоа е еден од начините за враќање на доверба на граѓаните во правната држава“, изјави Костадиновски.

Според Костадиновски, граѓаните заслужуваат да знаат кои се уставните судии и како расправаат и одлучуваат, и најави дека во брзо време еден од неговите приоритети ќе биде следење на седниците на Уставниот суд во живо.

„Јас сум убеден дека отвореноста и транспарентноста ќе влијае позитивно на враќање на довербата на граѓаните во судството. Да потсетам, Уставниот суд е на врвот на правната пирамида во државата“, изјави Костадиновски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ