понеделник, 22 јули 2024

Уставен поведе постапка за наплата на долговите, иницијативата за платите на обвинителите ја отфрли

Уставниот суд денеска поведе постапка за дел од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи во делот на присилна наплата на долговите и донесе времена мерка со што до конечната одлука се сопира спроведувањето на оспорениот дел од законот. Уставниот суд денеска не поведе постапка за Законот за плати на јавните обвинители што значи дека останува на сила законот со кој што се намалува коефициентот за пресметка на платите на јавните обвинители, а со тоа и висината на истата.

Објавено на

часот

Сподели

„Во оваа фаза Судот изрази сомнеж дека оспорените членови се во спротивност со повеќе уставни одредби меѓу кои и владеењето на правото, правото на гарантирана сопственост, правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и особено забраната за повратно важење на законите“, се наведува во соопштението од Уставниот суд.

Пред Судот, како што се вели во соопштението, основано се постави прашањето дека законодавецот не го почитувал тоа што првично го гарантирал и утврдил нови услови и рокови под кои ќе се одвиваат воспоставени правни односи  помеѓу доверителите и должниците, утврдени претходно со правосилна судска одлука, односно извршна исправа.

„Собранието, согласно својата надлежност да ги уредува правните односи на граѓаните го скратило рокот на застареност на побарувањата на доверителите од десет на пет години, но притоа не внимавало на забраната на повратно важење на законите, како и на уставната обврска да овозможи преоден период за прилагодување на граѓаните на новиот правен режим“, се наведува во соопштението.

Согласно Уставот, како што посочуваат од Судот, исклучок од споменатото правило е дозволен, но Собранието не даде одговор до Уставниот суд, ниту пак во образложението на предлог-законските измени не се осврнало на причините и целите за правење на ваков исклучок, со што во судската пракса, како и во нормативниот поредок е предизвикан хаос.

При вакви околности кога не е предвиден период на прилагодување, при носењето на овие измени, Судот се сомнева дека се нарушени легитимните очекувања на граѓаните како и нивната правна извесност.

Во поткрепа на аргументите за поведување на постапка за оценка на уставноста на одредбите и изрекување на т.н. времена мерка, како што се истакнува во соопштението, биле анализирани одлуки на Европскиот суд за човекови права во насока на донесената одлука на Уставниот суд.

„Собранието со ниту еден збор не се осврнува на причините за скратување на уставно утврденото правило за времето од донесување на законот до времето кога истиот ќе стапи на сила (вакацио легис), со што се доведува во прашање и почитувањето на член 52, став 3 од Уставот“, велат од Уставен.

Во однос на фактот дека Судот во јануари 2024 година по овој закон не поведе постапка, Уставниот суд  ја искористи деловничката можност како и уставно-судската пракса повторно да се  впушти во расправа за прашањето на уставноста на истите законски одредби, врз основа на тоа што е направена подлабока анализа и е изнесена дополнителна аргументација, како и врз основа на фактот дека овој пат Судот одлучуваше во полн состав. 

Уставниот суд денеска не поведе постапка за Законот за плати на јавните обвинители што значи дека останува на сила законот со кој што се намалува коефициентот за пресметка на платите на јавните обвинители, а со тоа и висината на истата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ