Демонстранти фрлале камења врз полицајци и врз автомобилот на министерот Јицак Голдкнопф, кој се враќал дома. Запалиле и корпи за отпадоци и го блокирале автопатот.
Портпаролот на Голдкнопф потврди за Си-ен-ен дека полицијата го евакуирала министерот неколку минути по нападот и дека тој не е повреден. Голдкнопф е министер за домување и градежништво и лидер на еврејската партија Обединета Тора.
На видеата на социјалните мрежи се гледа како демонстрантите го опкружуваат автомобилот на министерот и удираат по прозорците.
Now in Jerusalem: Ultra orthodox protesters attack the car of Minster Yitzchak Goldknopf during a mass demonstration against enlistment to the Israeli army pic.twitter.com/VJfUBcrA3u
— Oren Ziv (@OrenZiv_) June 30, 2024
Ултраортодоксните Евреи протестираа на улиците на Ерусалим откако израелскиот Врховен суд во вторникот донесе одлука со која ѝ нареди на владата да регрутира ултраортодоксни Евреи во војската.
Од основањето на Израел, ултраортодоксните Евреи се ослободени од задолжителна воена служба. Иако и мажите и жените подлежат на задолжителен воен рок во Израел, одлуката на судот во овој случај се однесува само на ултраортодоксните мажи.
Полицијата соопшти дека морала да употреби сила вчера за да ги растера демонстрантите откако тие ги игнорирале наредбите да си заминат. Уапсени се пет лица, од кои две за напад на полицајци, а три за фрлање камења или други предмети, се вели во полициското соопштение. Дел од полициските службеници останале во областа за да го насочуваат сообраќајот и да спречат понатамошни немири.
„Полицијата сериозно ги сфаќа обидите на овие насилни прекршители на законот да ги повредат израелските полицајци со камења, палки, јајца и други работи. Нема никаква врска помеѓу законски протест и криминално и насилничко однесување од овој вид, што може да доведе до повреди и уништување имот“, велат од полицијата.