вторник, 22 октомври 2024

Украина тврди дека за една недела вратила седум села

Објавено на

часот

Сподели

Заменик-министерката за одбрана Хана Малиар на Телеграм напиша дека украинското знаме повторно се вее над селото Сторожов, во источната покраина Доњецк, и дека украинските војници окупирале три мали села во близина, како и три во соседната покраина Запорожје.

„Битките се тешки, но ние напредуваме, а тоа е многу важно“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање во текот на ноќта.

Според него, дождливото време е предизвик за украинските војници.

Зеленски, исто така, рече дека разговарал со воените команданти за „кои точки на фронтот треба да се зајакнат и кои активности може да се преземат за да се заземат што е можно повеќе руски позиции“.

Киевските власти во неделата соопштија дека нивните војници ги зазеле селата Блаходатне, Макаривка и Нескучна во Доњецк – јужно од градот Велика Новосилка.

Малиар денеска рече дека населбите Лобкове, Левадне и Новодривка во Запорожје повторно се под контрола на Украина.

Русија не ги потврди овие успеси на Украина, а невозможно е да се проверат и може, како што оценува Асошиејтед прес, за кратко време да бидат повторно заземени.

Овие добивки се однесуваат само на мали делови од територијата и укажуваат на сериозноста на битката што им претстои на украинските сили.

Имено, Украина ќе мора да се бори метар по метар за да врати околу една петтина од својата територија, која е под руска окупација.

Неодамнешните борби на западниот фронт долг 1.000 километри ги искомпликува пукањето на браната на Дњепар, реката што ги дели завојуваните страни.

Западните аналитичари и воени претставници предупредуваат дека обидот на Украина да ги ослободи своите територии може да потрае со години, бидејќи руските сили се добро вкопани, а успехот на контраофанзивата е далеку од сигурен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ