понеделник, 21 октомври 2024

Уапсен поранешниот претседател на Албанија Илир Мета

Претседателот на Слободарската партија во Албанија, Илир Мета, е уапсен денеска по налог на Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (СПАК), јавуваат албанските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мета беше претседател на Албанија од 2017 до 2022 година.

Покрај претседателската функција, тој беше и премиер, министер за надворешни работи, а имаше и други високи функции.

Полицијата и СПАК сѐ уште немаат објавено официјално соопштение за апсењето на Илир Мета, пишува Радио Слободна Европа.

Топ чанел објави дека Мета е уапсен во близина на трговскиот центар Каса Италија во Тирана и дека е обвинет за перење пари, корупција и непријавување имот.

Тие наведуваат и дека Мета се враќал од Косово.

Мета за денеска најави прес-конференција и беше на пат кон седиштето на својата партија кога беше уапсен.

Поранешниот премиер Сали Бериша беше на прес-конференција во моментот кога Мета беше уапсен. Тој го опиша апсењето како „политички прогон“.

„Тие не објавија никакви факти за Илир Мета. Прогонот на Мета е само политички. Политичкиот налог на (премиерот на Албанија) Еди Рама е спроведен. Ние сме на ред“, рече Бериша, откако новинарите го прашаа за овој развој на настаните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ