петок, 18 октомври 2024

Турција, Бугарија и Романија потпишаа договор за чистење на Црно Море

Турција, Бугарија и Романија, трите членки на НАТО со излез на Црно Море, потпишаа денес трипартитен договор за отстранување на мините во Црно Море кои пловат како последица на војната во Украина.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, крајбрежните земји во водите на Црно Море забележале пловечки мини кои завојуваните страни ги поставиле за да ги заштитат своите брегови.

„Поради украинската војна, мини се поставени и во украинските и во руските пристаништа. Тие понекогаш се откачуваат и доаѓаат до нашите заливи поради морските струи“, кажа во декември турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер, по повеќемесечните разговори на НАТО сојузниците.

Иницијативата за борба против мините во Црно Море (МЦМ Блек Си), потпишана во Истанбул, би требало да овозможи безбедност на пловењето, вклучувајќи и извоз на украинското жито долж бреговите на Романија и Бугарија.

Романскиот министер за одбрана Ангел Толвар и бугарскиот министер Атанас Запрјанов му се придружија на турскиот министер Ѓулер во палатата на Босфор за да го потпишат договорот. Секоја земја наизменично, на шест месеци, ќе претседава со иницијативата.

„Одлучивме заеднички да потпишеме протокол меѓу трите земји за поефикасна борба против опасноста од мини во Црно Море за да ја зајакнеме нашата постоечка соработка и координација“, кажа Ѓулер.

Ѓулер особено истакна дека во иницијативата можат да учествуваат само бродови на трите сојузнички земји потписнички на иницијативата за да не се крши повелбата од Монтро. Турција се повикува на тој меѓународен пакт кога го забранува минувањето на воените бродови низ теснецот Босфор и Дарданелите ако нивните пристаништа не се на Црно Море.

Повелбата од Монтро од 1936 ѝ дозволува на Турција да го ограничи поморскиот транзит низ своите теснеци за време на војна, но има клаузула за изземање на бродовите кои се враќаат во матичните бази.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ