петок, 25 октомври 2024

Турција втор ден по ред ги гаѓа курдските милитанти во Сирија и Ирак (ВИДЕО)

Турција втор ден по ред изврши напади со беспилотни летала врз наводните упоришта на курдските милитанти во Сирија и Ирак, по нападот врз просториите на турска воена компанија во кој загинаа најмалку пет лица, објавија локалните медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Националната разузнавачка организација гаѓаше многу „стратегиски локации“ што ги користат Курдистанската работничка партија (ПКК) или сириските курдски трупи, јавува Анадолу. Целите вклучуваат воени, разузнавачки, енергетски и инфраструктурни објекти и складишта за муниција, се вели во извештајот.

Претходно во средата, турските воздухопловни сили извршија воздушни напади врз слични цели во северна Сирија и северен Ирак, неколку часа откако владините претставници ја обвинија ПКК за смртоносниот напад врз седиштето на воздухопловната и одбранбената компанија Тусаш.

Министерот за одбрана Јасар Ѓулер денеска изјави дека во воздушните напади во средата биле уништени 47 цели на ПКК, од кои 29 во Ирак и 18 во Сирија.

Од ПКК нема реакција во врска со нападите.

Во Сирија, главните курдски сили поддржани од САД изјавија дека во турските напади на северот на земјата загинале 12 цивили, а ранети се 25. Тие рекоа дека воени авиони и беспилотни летала нападнале пекари, електрани, нафтени постројки и контролни пунктови на локалната полиција.

Нападот дојде еден ден откако шефот на десничарската националистичка партија, која му е сојузник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ја спомена можноста затворениот водач на ПКК да добие условна слобода доколку се откаже од насилството и ја растури својата организација.

Абдула Оџалан, кој беше фатен во 1999 година, отслужува доживотна затворска казна на затворски остров во близина на Истанбул.

ПКК се бори за автономија во југоисточна Турција во конфликт во кој загинаа десетици илјади луѓе од 1980-тите. Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат ПКК за терористичка група.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ