вторник, 22 октомври 2024

Турција ја затвори границата со Сирија

Турција денес го затвори главниот граничен премин кон североисточна Сирија откако турски единици биле нападнати од Сиријци гневни поради насилството над нивните сонародници во Турција, изјавиле локални извори и сириски опозициски извор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Турската полиција привела 474 луѓе вмешани во напади на сириската заедница низ земјата кои биле извршени во текот на ноќта, кажа турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја. Насилството почнало доцна вечерта во неделата.

Во централниот град Кајсери е уништен и запален имот на Сиријци, куќи и возила. Насилството било поттикнато од објави на социјалните мрежи дека Сириец злоставувал роднина. Јерикаја кажа дека инцидентот се истражува.

Насилството се прошири на покраините Хатај, Газијантеп, Коња, Бурса и кварт во Истанбул, објави турската разузнавачка агенција МИТ. На социјалните мрежи е објавено дека меѓу Сиријците има повредени.

Потоа стотици гневни Сиријци излегоа на улиците во неколку града на северозападот на Сирија кои ги држат бунтовниците, област во која Турција има илјадници војници и во која гради своја сфера на влијание што ја спречува владата во Дамаск да ја преземе контролата.

Доцна синоќа Турција одговори на немирите затворајќи го на неодредено граничниот премин Баб ал Хава, главната трговска и патничка рута за повеќе од три милиони жители, како и Баб ал Салам и други помали премини, пренесува Ројтерс.

Сирискиот пограничен град Африн бил поприште на најнасилните конфликти. Загинале најмалку четири лица. Цивилите фрлале камења на турски конвои во неколку града и го симнале турското знаме од неколку канцеларии. Неколку турски функционери ги опишаа немирите во Сирија како „провокации“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за антисириските напади ја обвини опозицијата, тврдејќи без докази дека разгорува расизам во земјата во која има повеќе од три милиони сириски бегалци. „Ништо не може да се постигне со создавање ксенофобија или омраза кон бегалците во јавноста“, кажа Ердоган.

Турскиот претседател во петокот најави дека е можна средба со сирискиот претседател Башар ал Асад за да се обноват билатералните односи. Турција ги прекина дипломатските односи со Сирија по избивањето на сириската граѓанска војна во 2011 и ги поддржуваше милитантите кои сакаат да го урнат Асад од власт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ