понеделник, 21 октомври 2024

Tуфегџиќ: Да се провери постапувањето на обвинителката во случајот со таткото на Вања

Aдвокатот Владимир Туфегџиќ поднесе барање до Вишото јавно обвинителство да ја провери законитоста при постапувањето на скопското обвинителство во случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Туфегџиќ, како бранител на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, за „Скопје1“ вели дека обвинителот од скопското обвинителство има конфузна и неоснована теорија, дека поднел неколку ургенции за да ги добие доказите со кои Ѓорчевски е во притвор. Адвокатот вели дека се кријат докази, дека има проблем со начинот на воспоставување надлежност, а од обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска добил само игнорантски однос.

Објавено на

часот

Сподели

„Подолго од еден месец трае молкот и игнорирањето на одбраната по однос на доказите од страна на обвинителството, со што се кршат основните елементарни права на одбрана на осомничениот. Факт е дека тајноста на истрагата е неoспорна, но исто така е неoспорно дека на избраниот бранител мора да му бидат доставени истите докази со кои располага бранителот по службена должност, ангажиран во почетната фаза од постапката од страна на судот и обвинителството. По завршувањето на мандатот адвокатот по службена должност нема обврска да ги предаде овие докази изведени во негово присуство на избраниот бранител.

Обвинителот е должен да објасни кои се причините што овие докази што се изведени во текот на краткотрајниот притвор не ги доставува ни по четири ургенции“, вели адвокатот Туфегџиќ.

Тој бара Вишото јавно обвинителство да изврши надзор во постапувањето на скопското Обвинителство и обвинителката Крстевска Јосифоска, оти се сомнева на незаконски пропусти.

„Освен тоа, до надлежниот јавен обвинител е доставено барање за известување според која законска процедура е воспоставена надлежноста за постапување на ОЈО Скопје во овој кривичен предмет, пред сѐ од причина што трагичниот настан се случил на подрачје од надлежност на ОЈО Велес и постапувал и преземал дејства надлежен јавен обвинител од ОЈО Велес. Сметам дека ова е клучно и суштинско прашање пред сѐ поради законитоста во постапувањето, за кое нешто судот и обвинителството внимаваат по службена должност. Освен тоа, до Вишото јавно обвинителство е поднесено барање за надзор над законитоста во постапувањето на ОЈО Скопје по овој кривичен предмет“, додава Туфегџиќ.

Тој посочува дека е убеден дека таткото Ѓорчевски не е инволвиран во трагедијата, ниту имал мотив да учествува на каков било начин.

„Сите овие дејства за мојот клиент ги преземам пред сѐ поради тоа што сум лично силно убеден дека со ништо не е инволвиран во оваа трагедија, ниту имал каков било силен мотив да учествува на каков било начин во ваков грозоморен чин насочен против сопствената ќерка. Едноставно, теоријата на случај на обвинителството презентирана во јавноста е во целост конфузна, неоснована и без јасен мотив и логична поврзаност со лица и настани“, посочува Туфегџиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ