Трапановски вели дека одлично се вклопил во составот, се чувствува како таму да е долго и покрај тоа што ова му е деби повик.
„Задоволство ми е што сум дел од националниот тим на Македонија. Се надевам дека ќе ја искористам оваа шанса и ќе ги покажам моите квалитети. Групата ме пречека одлично, се чувствувам супер, се чувствувам како долго време да сум тука иако ми е првпат“, вели Трапановски.
„Нашата цел е да освоиме што е можно повеќе бодови, ако е можно да ги победиме сите натпревари и да се пласираме во следната рунда. Фаворити сме, но во денешно време нема лесни противници“.
Тој смета дека ако одиграме на нашето ниво, теренот со вештачка трева и различните временски услови нема да бидат проблем за да ги освоиме трите бода.
„Сметам дека ние како тим сме многу поквалитетни од Фарски острови. Теренот и времето нема да прават проблеми ако ние бидеме на вистинското ниво, ќе ги освоиме трите бода“.
Македонија на 7. септември гостува кај Фарски острови, а три дена подоцна ја пречекуваме Ерменија во Скопје.