вторник, 22 октомври 2024

Трамп: Ќе ја вратиме забраната за влез во САД за граѓаните од земјите со мнозинско муслиманско население

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во саботата на конвенцијата на еврејските републиканци вети дека, доколку биде реизбран, ќе ја врати забраната за влез во САД на граѓаните на земјите со мнозинско муслиманско население. „Ќе ги држиме терористите на радикалниот ислам надвор од нашата земја“, им рече Трамп на присутните на годишниот самит на Републиканската еврејска коалиција.

Објавено на

часот

Сподели

„Се сеќавате на таа забрана, јас ќе ја вратам уште првиот ден“, рече Трамп. Во почетокот на неговиот мандат во 2017 година, Трамп воведе ограничувања за влез во САД на државјаните на Иран, Либија, Сомалија, Сирија, Јемен, Ирак и Судан. Забраната брзо беше оспорена на суд како дискриминаторска кон религиозните групи, но заедно со тврдокорната антиимиграциска агенда на Трамп, таа беше популарна со неговата изборна база.

Претседателот Џо Бајден ја укина забраната во својата прва недела во Белата куќа, 2021 година. Поранешниот станар на Белата куќа беше еден од неколкуте истакнати републиканци што се појавија на собирот на влијателни еврејски донатори за да изразат непоколеблива поддршка за Израел во неговата војна против Хамас.

На митинг во Лас Вегас, Невада, Трамп рече дека „ќе го брани својот пријател и сојузник во државата Израел како никој досега“. Конфликтот меѓу Израел и Хамас е „борба меѓу цивилизацијата и дивјаштвото, граѓанството и изопаченоста и меѓу доброто и злото“, рече Трамп. На митингот Трамп ја нападна администрацијата на Бајден, но се воздржа да ги критикува своите ривали.

„САД ќе застанат до Израел 100 проценти – без двоумење, без квалификации и без никакво извинување. Нема да се извинуваме“, рече Трамп предизвикувајќи масивни овации. Тој подоцна додаде дека ќе го санкционира Иран и ќе ги запре пропалестинските протести во американските кампуси.

Поддршката за Израел е од големо значење за двете страни во САД и едно од ретките прашања на американската надворешна политика што игра улога во анкетите, меѓу другото, поради големиот број гласачи со еврејско потекло и важноста за христијанските евангелици за кои постоењето на еврејска држава е предуслов за „второто доаѓање“ на Исус Христос.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ