среда, 23 октомври 2024

Трамп би избркал пола членки на НАТО

Кога претседателот на САД би можел по некоја случајност произволно да исфрла НАТО-членки од алијансата, се поставува прашањето колку членки би останале во НАТО кога Доналд Трамп повторно би станал претседател.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Доналд Трамп пред два дена кажа дека би ја „охрабрил“ Русија да ја нападне секоја членка на НАТО што не ги плаќа своите обврски во рамките на западниот воен пакт.

Трамп досега како единствен критериум за членство го наведуваше „плаќањето“ за членство, што може да значи две работи, вели Индекс.

Првата е постоењето на НАТО како организација, што ги вклучува бирократските трошоци, но и буџетот поврзан со воениот и цивилниот дел. НАТО како организација има годишен буџет од 3,3 милијарди евра, кој е поделен на „општо финансирање“ и „заедничко финансирање“.

Општото финансирање се однесува на трошоци што се на товар на сите, а се поделени по држави. САД финансираат 17 отсто од општите финансиски трошоци, исто колку и Германија. 11,2 отсто се финансирани од Обединетото Кралство, 10,4 отсто од Франција, а другите земји остатокот.

Заедничкото финансирање не се однесува на сите членки, туку само на оние што учествуваат во одредена програма. Овие активности се движат од развој и производство на борбени авиони или хеликоптери до давање логистичка поддршка или комуникациски и информациски системи за противвоздушна одбрана. Во тоа спаѓаат трошоците на агенцијата за капацитетите на НАТО за рано предупредување и контрола на воздухот (НАПМА), програмата за хеликоптери НХ90 (НАХЕМА) и програмите за борбени авиони јурофајтер-тајфун и торнадо (НЕТМА).

Трамп веројатно мисли на мерката „финансирање“, која се однесува на тоа колку секоја членка троши за одбрана, вели Индекс. НАТО определува секоја членка да издвојува 2 отсто од БДП за националната армија, иако долго време повеќето членки не го почитуваат ова барање, па тоа повеќе е препорака.

Кога Трамп би можел да ги избрка членките што не трошат минимум 2 отсто од БДП за одбрана, тогаш во НАТО би останале само САД, Велика Британија, Полска, Литванија, Унгарија, Латвија, Романија, Словачка, Финска, Естонија и Грција.

Германија, Франција, Холандија, Чешка, Македонија, Бугарија, Данска, Албанија, Словенија, Канада, Црна Гора, Шпанија, Италија, Португалија, Белгија, Норвешка, Хрватска и Турција во тој случај би биле исфрлени од Алијансата бидејќи нивните одбранбени трошоци се помали од 2 отсто од БДП.

Трамповиот „правилник“ за функционирање на НАТО ќе беше уште полош пред неколку години. Во 2014 година само САД, Велика Британија и Грција го исполнуваа критериумот од 2 отсто од БДП. Но оттогаш, повеќето земји ги зголемија трошоците за одбрана, некои драстично.

Рекордер е Полска, чии трошоци за одбрана во 2014 година изнесуваа 1,88 отсто од БДП, а минатата година пораснаа на 3,9 отсто, или за 2,02 проценти во споредба со 2014 година. Полска всушност издвојува релативно повеќе од САД, чии трошоци за одбрана паднаа од 3,72 отсто од БДП во 2014 година на 3,49 отсто од БДП во 2023 година.

Всушност, САД се една од ретките членки на Алијансата што ги намалуваат воените трошоци во последните неколку години, гледано како дел од БДП. Освен САД, пад забележаа Турција (-0,14%), Британија (-0,07) и Хрватска (-0,03).

Освен Полска, за повеќе од еден процент нараснаа трошоците за одбрана изразени како дел од БДП во Литванија (+1,66%), Унгарија (+1,57%), Латвија (+1,33%), Романија (+1,09%), Словачка (+1,05) и најновата членка Финска (+1%).

Лани нагло зголемување на трошоците за одбрана на членките на НАТО

Минатата година драстично се зголемија трошоците за одбрана на ниво на сите членки на НАТО, за 8,3 отсто во однос на претходната година гледано во постојани цени од 2015. За најголем дел од зголемувањето на вкупните трошоци, во цените од 2015 година заради приспособување на растот на цените, беа одговорни сите членки освен САД.

САД во 2023 година потрошиле 743 милијарди долари за војската (приспособено на цените од 2015 година), 83 милијарди долари повеќе отколку во 2014 година. Остатокот од НАТО минатата година потрошил 356 милијарди долари за војската (во цени од 2015 година), 106 милијарди долари повеќе отколку во 2014 година.

Ако стане претседател на САД, Трамп сам не може да исфрли членка од НАТО. Во својот прв мандат, тој не се залагаше експлицитно за распаѓање на НАТО, туку за негова реорганизација и зголемување на распределбата од членките што не издвојуваа 2 отсто од БДП.

На некој начин, барајќи зголемување на трошоците за одбрана, тој се залагаше за зајакнување на НАТО.

Светот стана понесигурно место отколку што беше во изминатите децении

НАТО се вооружува за прв пат по распадот на СССР. Ако се изземат САД, другите членки ги зголемија своите воени трошоци од 2014 година од 250 милијарди долари на 356 милијарди долари (во цените од 2015 година).

Од 2009 до 2014 година паѓаа трошоците на сите членки освен на САД, од 1999 до 2009 година стагнираа, а од 1989 до 1999 година паѓаа. Приспособено според разликите во цените, нивните воени трошоци денес се повисоки отколку во 1989 година.

За жал, светот стана понебезбедно место во однос на безбедноста отколку што беше во претходните децении, вели Индекс, во период понекогаш нарекуван Пакс Американа поради целосната воена, економска и политичка доминација на САД во светот.

Државите низ целиот свет се вооружуваат, за прв пат по децении, а особено во Европа. Се враќа ерата на нестабилност, не само во Европа, туку и во другите делови на светот. Блискиот Исток повторно врие, во Африка од крајот на 20 век немало олку оружени конфликти, а нестабилна е и ситуацијата во Јужно Кинеско Море и околу Тајван.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ