среда, 16 октомври 2024

Трамп: Би ја охрабрил Русија да нападне членка на НАТО што не ги плаќа обврските

Доналд Трамп кажа дека би ја „охрабрил“ Русија да ја нападне секоја членка на НАТО што не ги плаќа своите обврски во рамките на западниот воен пакт. Поранешниот американски претседател призна дека еднаш му кажал на шефот на НАТО дека нема да заштити нација што доцни со плаќањето ако биде нападната од Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тврди дека му најавил на шефот на НАТО дека во тој случај ќе ги „охрабри“ агресорите да „прават што сакаат“. Членките на НАТО се обврзуваат дека ќе ја бранат секоја држава од блокот која ќе биде нападната. Белата куќа коментарите на Трамп ги нарече „ужасни и безобѕирни“, пренесува Би-би-си.

Зборувајќи вчера на митинг во Јужна Каролина, Трамп кажа дека своите коментари за Русија ги изнел за време на состанок на лидерите на земјите од НАТО. Објасни дека лидер на „голема земја“ претставил хипотетична ситуација во која не ги исполнува своите финансиски обврски кон НАТО, но се нашол под напад од Москва.

Трамп кажа дека тој лидер прашал дали Соединетите Американски Држави би ѝ помогнале на неговата земја во тоа сценарио. „Му кажав: Не си платил? Ти си деликвент. Не, не би те заштитил, всушност би ги поттикнал да прават што сакаат. Мораш да платиш“, кажа Трамп.

Портпаролот на Белата куќа истакна дека поранешниот претседател „охрабрувал инвазија на најблиските сојузници од страна на крволочни режими“, а коментарот го означи како „ужасен и неоправдан“. Додаде дека изјавата „ги загрозува американската национална безбедност, глобалната безбедност и домашната економија“.

Трамп, кој веројатно ќе биде републикански кандидат на годинешните претседателски избори во САД, долго го критикува НАТО и го смета за претеран финансиски товар за САД гарантирањето на одбраната на 30 други земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ