Тошковски уште еднаш ги повика партиите во Собранието да се договорат и да ги изгласаат измените на Изборниот законик за граѓаните да може да го остварат своето демократско право на глас и со старите докуемнти.
„Ако е толку оптимист Талат Џафери дека со амбициозност процесот на замена на документите може да се заврши навреме, а исто и министерот за надворешни работи, кој многупати изразува само загриженост за целиот овој проблем, двајцата заедно нека дојдат во МВР. Јас ќе им обезбедам посебни кабини за да можат заедно со полициските службеници да помогнат во процесот на фотографирање. Ќе им дадеме посебни картички, тие државна тајна, па нека помогнат во фотографирањето“, рече Тошковски.
Тој објасни дека во моментов МВР го има за неколку пати зголемено капацитетот на изработка и издавање на пасоши, но ограничувањето на нивното печатење и натаму останува.
Тошковски повторно ги повика партиите да овозможат граѓаните непречено да гласаат на изборите.
„Нека седнат, нека се договорат политичките партии во Собрание, нека го изгласаат барем Изборниот законик. Ете има добра волја од претседателот на привезоков на ДУИ да седнат и да го прифатат предлогот на претседателот на ДИК. Како не им е срам, нека седнат и нека си ја сработат работата за која што се платени“, изјави Тошковски.
Во однос на користењето на старите пасоши при патување во странство, Тошковски рече дека странските држави имаат повеќе разбирање за македонските граѓани отколку македонската власт.
„Со патна исправа со старото име може да се влезе во Република Хрватска без никаков проблем исто и во Република Унгарија, а оттаму без никаков проблем. Оттаму може да се влезе во Словенија и знаете согласно правилата на ЕУ, може да се патува слободно. Еве и шпанскиот амбасадор ми рече дека сега како што е ситуацијата, тие имаат големо разбирање за македонските граѓани“, информира Тошковски.