среда, 22 јануари 2025

Тошковски ја демантира Кузеска од СДСМ за „пропустите на МВР кои личат на организирано пуштање на Груби“

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски попладнево се огласи на обвинувањата на СДСМ во врска со бегството на Артан Груби, по кој е распишана меѓународна потерница за случајот со Државна лотарија. Тој посочува дека МВР има видеозапис за настанот, а на полицискиот службеник му е изречена суспензија.

Објавено на

часот

Сподели

„Благодарност до госпоѓа Кузевска и СДСМ за тоа што повторно покажаа дека единствено нешто кое што знаат и умеат да го прават е да ја лажат македонската јавност и македонските граѓани. Сите докази коишто се во насока на расветлување на случајот со излезот на лицето кое што сега е недостапно на органите на прогон и треба да се искористат во рамки на оваа постапка се обезбедени од страна на МВР. Односно МВР поседува видеозапис на којшто јасно се гледа повреда на закон и повреда на стандардни оперативни процедури од страна на полицискиот службеник којшто бил во тој момент во рамки на граничната полиција“, наведува Тошковски во видеото објавено на неговата Фејсбук-страница.

Додава дека против полицискиот службеник наредниот ден се преземени сите истражни постапки и врз основа на нив е доставено известување до надлежното јавно обвинителство, а тоа е Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

„Во текот на денешниот ден по консултација со надлежниот јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава која што ќе биде наредниот ден, односно утре поднесена до надлежното јавно обвинителство“, информира Тошковски.

Исто така, додава, од страна на МВР е изречена суспензија во однос на предметното лице, а Тошковски потврдува дека ниту лично го познавал предметното лице, ниту лично потпишал или издал каков било акт во однос на неговото назначување за да работи во рамки на граничната полиција во Македонија.

„Жалам што навистина една партија која што себеси се нарекува за државотворна партија повторно ги брани нивните партнери, ДУИ, и повторно покажува дека не работи во интерес на македонските граѓани, туку работи во лукративен интерес на нивните најблиски соработници коишто патем, токму лицето кое што е недостапно на органите на прогон, на времето, кога беа во љубов, изјавуваше дека ‘тие биле едно’. Дека ‘тие се едно’, повторно докажуваат и потврдуваат со нивниот начин на однесување. Но МВР ги има соодветните капацитети и ќе постапи согласно законите и согласно Уставот, и секој еден којшто се огрешил ќе одговара пред лицето на правдата“, наведува Тошковски.

За разлика од претходно, потсетува тој, кога „крив беше пајакот, сега оној којшто сторил незаконитост има име и презиме и ќе биде изведен пред лицето на правдата“.

Претходно СДСМ преку соопштение до медиумите, го повикаа министерот Тошковски да излезе и да ја каже вистината за бегството на Груби, во спротивно, како што посочуваат, тоа ќе го направи СДСМ.

„Тошковски два дена молчи и се крие од јавноста за скандалозните пропусти кои личат на организирано пуштање на Груби. Ова е скандал од огромни размери а информациите кои стигаат до СДСМ секој ден се се позагрижувачки“, велат од СДСМ. Oттаму нагласуваат дека доколку Тошковски не излезе во рок од 24 часа да ја каже вистината за случајот, тогаш СДСМ ќе го открие скандалот во целост.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ