сабота, 19 октомври 2024

СЗО соопшти дека морала да евакуира складиште со резерви на лекови од јужниот дел на Газа

Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека морала да евакуира складиште за лекови во јужниот дел на Газа во рок од 24 часа, откако израелската армија предупредила дека поради копнените операции во областа тоа ќе биде недостапно.

Објавено на

часот

Сподели

Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус во објава на социјалната мрежа Икс, го повика Израел да ја повлече наредбата и „да ги преземе сите мерки за заштита на цивилите и цивилната инфраструктура, вклучително болници и хуманитарни објекти“, пренесе Ројтерс.

Огранок на израелското Министерство за одбрана, КОГАТ, во извештај негираше дека побарал од СЗО да испразни магацини и дека истото им го кажал на претставници на ОН, без дополнително објаснување.

Шенон Баркли, член на тимот на СЗО на окупираната палестинска територија, на прес-конференција изјави дека персоналот на СЗО во Газа успешно „извршил дел од преместувањето на складиштето во нов објект“.

Регионалниот директор на СЗО за источен Медитеран Ахмед Ал-Мандари на конференцијата рече дека зголемените копнени воени операции на Израел во јужниот дел на Газа, особено во Кан Јунис, може да го оневозможат пристапот до здравствена заштита на илјадници луѓе.

Претставници на СЗО изјавија дека се загрижени дека поради немањето пристап до чиста вода и хигиенски услови за жителите на Газа може да доведе до значителна појава на болести.

СЗО забележа пораст на заразни болести, како што се акутни респираторни инфекции, шуга, жолтица, дијареа и крвава дијареа, рече Ал-Мандари.

Д-р Ричард Бренан од Регионалната канцеларија на СЗО за Источен Медитеран рече дека здравствените власти се загрижени и за хепатитисот Е, кој се пренесува од човек на човек преку загадена вода и претставува особен ризик за бремените жени.

Здравствениот сектор во Газа претрпе „огромен пад“, рече Бренан. Моментално работат 18 болници, а пред војната 36. Оние што се отворени работат далеку под нивниот капацитет.

„Нашата способност да одговориме на потребите на луѓето е во пад, додека потребите растат со голема брзина“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ