вторник, 22 октомври 2024

СЗО: Повеќе од 8.000 деца под пет години се лекувани од акутна неухранетост во Газа

Повеќе од 8.000 деца на возраст под пет години биле лекувани во Појасот Газа поради акутна неухранетост, а 28 починале, соопшти во средата Светската здравствена организација (СЗО).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Значителен дел од населението на оваа палестинска територија, која е предмет на интензивна кампања на одмазда по крвавиот напад врз Израел на 7 октомври, сега се соочува со катастрофален недостиг на храна и глад, објасни шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на брифинг со новинарите во Женева.

„И покрај извештаите за зголемување на испораките на храна, во моментов нема докази дека оние на кои им е најпотребна ја добиваат во доволна количина и квалитет“, нагласи тој.

Соочени со оваа ситуација, СЗО и нејзините партнери се обидоа да ги зајакнат услугите за храна во Појасот Газа, објасни Гебрејесус.

„Повеќе од 8.000 деца на возраст под пет години се дијагностицирани и третирани за акутна неухранетост, вклучително и 1.600 деца кои страдаат од тешка акутна неухранетост“, истакна тој.

Тешката акутна неухранетост често се поврзува со медицински компликации и е главна причина за морталитет кај децата.

Сепак, поради несигурноста и недостигот на пристап, во моментов можат да работат само два центри за стабилизација за сериозно неухранети пациенти, објасни шефот на СЗО.

„Нашата неспособност безбедно да осигуриме здравствени услуги, во комбинација со недостатокот на чиста вода и санитарни услови, значително го зголемува ризикот од неухранетост кај децата“, рече тој.

„Веќе 32 смртни случаи се припишуваат на неухранетост, вклучително и 28 кај деца на возраст под пет години“, рече тој.

Гебрејесус исто така инсистираше на растечката здравствена криза што го погодува окупираниот Западен Брег. Од 7 октомври, СЗО регистрираше 480 напади врз здравствени служби на Западниот Брег, што резултираше со 16 загинати и 95 повредени на оваа палестинска територија.

Формирањето „нелегални населби“ го отежна пристапот до здравствените услуги на палестинското население, рече шефот на СЗО, истакнувајќи дека на Западниот Брег, како и во Појасот Газа, „единствено решение е мир“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ