вторник, 22 октомври 2024

СЗО: Опасност од колера по уривањето на браната

Објавено на

часот

Сподели

Поради поплавувањето голема површина по уривањето на браната Каховка на реката Дњепар во јужна Украина, „засилен е епидемиолошкиот надзор на болестите што се пренесуваат преку вода“, изјави на прес-конференција службеничката за итни операции на СЗО, Тереза ​​Закарија.

СЗО наведува дека во Украина не се откриени случаи на колера од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година. Сепак, истакна Закарија, „примероците земени од околината покажуваат дека е присутен патогениот агенс, што значи дека постои ризик“.

„Значи, во секој момент би можеле да откриеме случаи на болеста и добро соработуваме со украинското Министерство за здравство за да се увериме дека се подготвени механизмите за увоз на вакцина веднаш штом ќе биде потребно“, посочи таа.

Колерата е акутна цревна инфекција предизвикана од бактеријата Vibrio cholerae, која се карактеризира со тешка дијареа, која може да предизвика пациентот да умре за неколку часа доколку не се лекува.

Страв од еколошка катастрофа

Хуманитарните кризи поради кои се прекинати системите за водоснабдување и прочистување на отпадните води, како и флуктуацијата на луѓето низ слабо опремени и преполни кампови, го зголемуваат ризикот од пренесување на колера доколку бактеријата е присутна или внесена таму.

Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за уривањето на браната, а околните области веќе ги чувствуваат тешките последици од неа: многу села се поплавени, илјадници цивили се итно евакуирани, а властите стравуваат од еколошка катастрофа.

Покрај болестите поврзани со водата, поплавите може да предизвикаат повреди и потопување и да го попречат лекувањето, рече Закарија, истакнувајќи дека сите овие ризици ќе се следат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ