вторник, 22 октомври 2024

Светлана Мишева ја доби наградата Златен Птоломеј за животно дело во Холандија

Во холандското гратче Хендрик-Идо-Амбахт, во близина на Ротердам, денеска на македонската хуманистка Светлана Мишева ѝ беше врачена Наградата за животно дело од Македонската заедница во Холандија која организираше прием по повод нејзиниот 80 роденден.

Објавено на

часот

Сподели

Таа е единствен одликуван граѓанин од македонско потекло во Холандија, а пред 15 години стана член на Редот Оранје-Насау за нејзините заслуги и придонес во холандското општество.

Македонската заедница ја доделува наградата за животно дело надоврзувајќи се на државната награда на Холандија доделена во 2009 година. Воедно Македонската заедница во Холандија одбележува и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Македонија и Холандија.

Светлана Мишева имаше чест да ја облече „наметката на македонското достоинство“ и стана почесен претседател на Македонската заедница во Холандија.

Мишева е родена во Пробиштип во 1944 година. Детството и раната младост ги минала во Скопје и подоцна како активен член на фолклорниот ансамбл „Орце Николов“, во 60-тите години на друштвото, настапувала на речиси сите фолклорни фестивали низ целиот свет. Непосредно по земјотресот во 1963 година работела во тимот на јапонскиот архитект Кензо Танге во изградбата на Скопје и на повик на ансамблот „Орце Николов“ повторно заминала на турнеја во Америка, но овојпат на хуманитарни концерти и собирање помош за обнова на македонскиот главен град.

Во Холандија живее од 1971 година и таму помагала на бегалци, сиромашни и болни за чија хуманост, посветеност и грижа е одликувана во 2009 година.

На церемонијата на доделувањето на наградата за музичкиот дел од програмата се погрижи македонската пијанистка Цветанка Созовска која живее и работи во холандската престолнина Хаг.

За Мишева зборуваа поранешниот градоначалник на Хендрик-Идо-Амбахт Херман Јонкер во чиј мандат беше доделено одликувањето, Класине Шеле, која ја номинираше Светлана за да го добие ова државно одликување, а Георги Гоце Дуртаноски го презентираше нејзиниот живот со проекција на фотографии од најзначајните етапи од нејзиниот живот кои оставиле трага кај неа и кај другите.

„По А. ден Долард, Светлана Мишева е втората алка на поврзаност меѓу Македонија и Холандија, а на меѓународен план по Мајка Тереза и Есма Реџепова, Мишева е трета личност од Македонија одликувана за хуманост и општо добро“, истакна нејзиниот биограф Дуртаноски.

Преку видео-пренос на настанот се обрати и холандската музичка ѕвезда Лени Кур која во 1969 година беше евровизиски претставник на Холандија и една од победничките на Евровизија во Мадрид. Лени Кур упати прекрасни зборови до Светлана Мишева и евоцираше спомени од нивната средба во 1971 година и ја отпеа евровизиската „Трубадур“.

На настанот присуствуваа претставници на македонската амбасада од Хаг, македонската црковната општина од Утрехт, претставници на македонската академска заедница во Холандија и македонски активисти од Германија, Франција и Белгија.

Илија Талески од Македонската заедница во Холандија рече дека „ова беше еден несекојдневен настан за Македонците во Холандија кои оддадоа почит на досега единствената одликувана Македонка во Холандија чиј придонес во афирмација на македонската култура во Холандија има големо значење за сите нас. Светлана Мишева е алката која ги спојува Македонците во Холандија од сите генерации и од сите нивоа“.

Врачувајќи ја Наградата за животно дело Златен Птоломеј од име на Македонската заедница Талески нагласи дека наградата „заслужено се дава на личноста со најдолг стаж за македонската кауза, односно над пет децении посветеност во различни области во презентација на македонската култура во Холандија. Со оваа награда Светлана Мишева воедно станува и почесен претседател на Македонската заедница во Холандија“, истакна Талески.

Наградата Златен Птоломеј се доделува за исклучителни заслуги во афирмација на македонската култура во Холандија. Наградата го носи името и симболот на македонската Птоломејска династија која владееше со Египет и чиј штит се чува во археолошкиот музеј Алард Пирсон во Амстердам.

Во својот говор Светлана Мишева ги цитираше Мартин Лутер Кинг, Петре М. Андреевски, Милан Кундера, папата Франциск, нигерискиот филозоф Ахил Мбебе и неговото величество кралот на Холандија кој минатата година за првпат се извини кон жртвите на ропските системи од минатото во кои биле вклучени и неговите претци и повика да се бориме против расизмот.

Мишева се заблагодари на кралот Вилем Александар за овој историски говор и рече дека се чувствува повикана и верува дека еден ден ќе доживее да го слушне тоа и од нашите

поробувачи во минатото и негаторите на нашиот идентитет од денешницата.

Мишева ги повика Македонците во Холандија и во светот да не се откажуваат од

својата културна и идентитетска борба бидејќи, според М.Л.Кинг, „човекот умира

тогаш кога одбива да се застапува за она што е правда и за она штое вистина“ и додаде дека утре нашите гробови не смеат да бидат празни (П.М.Андреевски).

Таа го заврши своето експозе со порака од Мајка Тереза и порача:  „Доброто што го правиш, утре ќе биде заборавено. Но сепак направи го!“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ