„ЕУ смета дека американските тарифи се неоправдани и штетни и предизвикуваат економска штета на двете страни, како и на глобалната економија. ЕУ јасно стави до знаење дека претпочита преговори со САД кои би резултирале со избалансирани и заемно корисни решенија“, се вели во соопштението на Европската комисија.
Како одговор на тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп за европскиот челик и алуминиум, ЕУ ќе ги воведе своите контрамерки во три фази. Првиот бран стапува на сила следната недела, вториот во средината на мај, а третиот на крајот на годината, во декември.
Според информациите на четворицата дипломати упатени во гласањето, единствена членка која се спротивстави на пакетот е Унгарија, додека останатите 26 земји гласаа за.
„Понатамошна ескалација не е решение. Ваквите мерки дополнително ќе ѝ наштетат на европската економија и граѓаните преку зголемување на цените. Единствениот излез се преговорите, а не контрамерките“, објави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто на мрежата Икс.
За предлогот да биде отфрлен, најмалку 14 членки требаше да гласаат против, што се сметаше за неверојатно со оглед на демонстрациите на единство во последните недели.
Овие мерки сè уште не се одговор на едностраната одлука на Трамп да воведе „реципрочни“ царини од 20 отсто за цел извоз од ЕУ, што стапија на сила денеска на полноќ, ниту на неговите најнови царини од 25 отсто за автомобилите. Трамп најави дека наскоро ќе воведе царини и за фармацевтските производи.
Европската комисија размислува за сопствени контрамерки и на тие потези на Трамп, а според портпаролот за трговија, Олоф Гил, тие би можеле да бидат претставени веќе следната недела. „Ќе биде многу брзо. Очекувам дека може да биде веќе следната недела“, рече Гил во вторникот.
Трамп бара од ЕУ да го намали трговскиот суфицит со САД, на пример со купување на нереално големи количини гас или олеснување на безбедносните стандарди за автомобилите.
Иако Европа извезува повеќе стоки во САД отколку што увезува, Америка затоа остварува суфицит во услужниот сектор. Вкупната трговска размена меѓу двете страни е вредна околу 1,3 трилиони евра, а вистинската нерамнотежа изнесува околу 50 милијарди евра. Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен оваа недела повторно предложи укинување на сите индустриски царини – преку таканаречениот договор „нула за нула“ – што ќе важи за двете страни.