вторник, 22 октомври 2024
Заврши состанокот на ПСЈИЕ

Свесни сме дека постои замор од проширувањето на ЕУ, но постои и уште поголем замор со чекањето, порача македонската претседателка

Добрососедските односи се градат со добра желба, дијалог и меѓусебна почит, само така се возможни прифатливи и одржливи решенија, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова на денешната завршна прес-конференција на состанокот на ПСЈИЕ во Скопје. Со ова завршува претседавањето на Македонија со Процесот на соработка во рамките на ПСЈИЕ, а претседавањето денеска ѝ беше предадено на Албанија.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

За неа, како што рече, е исклучително важно членките на ЕУ од регионот, да ги поддржат сите учесници во процесот.

„Тоа значи да нѐ поддржат нас, кои не сме членки на ЕУ, на нашиот европски пат, особено во споделувањето на научените лекции, добрите практики и на искуствата во реформските процеси, така се гради инклузивна регионална соработка“, рече таа.

На прес-конференцијата Сиљановска Давкова потенцираше дека ЕУ во оркестарот треба да го вклучи и Западен Балкан.

„Свесни сме дека постои замор од проширувањето, но постои и уште поголем замор со чекањето. Затоа во својство на претседавачи на ПСЈИЕ ги охрабрувам европските партнери да останат доследни, кредибилни и принципиелни кон европската идеја. Не е доволно да велите дека ЕУ е недовршена приказна и недовршена симфонија без Западниот Балкан, туку треба во оркестарот да го вклучите и Западниот Балкан, треба и тој ноти да пишува и да учествува во европските работи“, истакна претседателката.

Визијата за ЕУ, како што дополни, нè одржува во демократска кондиција и нè фокусира на реформите, односно, ни помага на европски начин да ги затвораме отворените билатерални прашања.

Претседателката нагласи дека проширувањето е влог во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Затоа, според неа, процесот на пристапување мора да се заснова на меритократија, односно на заслуги и на доследно спроведени реформи. Таа порача дека ЕУ мора да ја зајакне пристапната динамика во регионот.

„Иновативен инструмент е и новиот план за раст на Западен Балкан кој што треба да го доближи регионот до единствениот пазар на ЕУ. Неопходно е да ги подобриме нашите национални капацитети во однос на безбедносното прашање, да бидеме хармонизирани со ЕУ, да ја продолжиме соработката со НАТО алијансата која што има примарна улога во одржувањето на мирот и стабилноста во регионот. Истовремено, да дадеме поддршка на политиката на отворени врати и на евроатлантските аспирации на земјите од регионот“, рече таа.

Во однос на економската соработка, како што дополни, нам ни е потребно енергетско, инфраструктурно и дигитално поврзување, затоа што, според неа, регионалната економска интеграција има единствено потенцијал да го поттикне растот, да ја зголеми конкурентноста, да создаде можности за вработување и да одговори на демографските предизвици, односно егзодусот на младите со кој што се соочуваат сите во регионот.

Сиљановска Давкова ги спомена и климатските промени, еколошките предизвици и зелената и дигитална транзиција како уште едно од прашањата за кои е неопходна координирана акција.

Македонската претседателка кажа дека искчучително е важно членките на ЕУ кои се дел од Партнерството за соработка во ЈИЕ да ги поддржат земјите од Западен Балкан на европскиот пат.

Денешниот состанок го оцени како мошне позитивен и им се заблагодари на поранешниот претседател Стево Пендаровски и на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои беа вклучени во овој процес.

На прес-конференцијата зборуваа и Бајрам Бегај, претседател на Албанија која од 1 јули го презема претседавањето со ПСЈИЕ, и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

Со ова завршува претседавањето на Македонија со Процесот на соработка во рамките на ПСЈИЕ, а претседавањето денеска ѝ беше предадено на Албанија.

Во пресрет на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) од идниот месец, претседателот на Албанија Бајрам Бегај соопшти дека ќе се фокусираат на неколку приоритети – членство во ЕУ, економска стабилност, зелена и дигитална агенда, туризам, култура и регионално поврзување.

Албанија третпат ќе биде на чело на ПСЈИЕ, а овојпат претседавањето го презема од нашата земја. На прес-конференција вечерва во Скопје, претседателот на Албанија Бајрам Бегај ја поздрави Северна Македонија за „успешното и динамично претседавање со ПСЈИЕ“.

„Јас сум убеден дека работата и резултатите постигнати во време на вашето претседателство придонесоа да имаме посилна и поактивна организација и да изградиме подобра и подемократска иднина. Албанија останува проактивен поддржувач за регионалната соработка која го подобрува животот на граѓаните, ги засилува односите за добра соработка и помага во евроинтеграциските процеси“, рече Бегај на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, чија земја претседаваше со ПСЈИЕ минатата година.

Бегај додаде дека во третото претседавање со ПСЈИЕ, кое ќе почне од јули, на Албанија ќе и помогнат искуството и успесите од досегашните претседавања со оваа организација.

Претседателот на Црна Гора Милатовиќ му посака успех на Бегај во едногодишниот мандат со водење на организацијата, а на Сиљановска-Давкова и го честиташе изборот за претседател на државата.

На прес-конференцијата тој истакна дека Црна Гора и Македонија делат заедничко минато, заеднички одговараат на предизвиците на сегашноста и, како што рече, уверен е дека имаме и заедничка европска иднина.

Посочи дека за време на претседавањето на Црна Гора со ПСЈИЕ минатата година, дефинирале две приоритетни теми – забрзување на европските интеграции на нашиот регион и унапредување на регионална соработка.

-Една година подоцна, денеска овде, во Скопје, со задоволство можам да констатирам дека направивме сите заедно значајни чекори во остварување на наведените цели и денеска сме многу поспреми за соочување со предизвиците што се пред нас, рече Милатовиќ.

Нагласи дека добрососедската политика е еден од најважните столбови на надворешната политика на Црна Гора, заснована на одлични билатерални односи со сите држави во регионот на Југоисточна Европа.

Како што рече, лидерството во процесот на европските интеграции, според неговата агенда Црна Гора како членка во ЕУ до 2028, ги обврзува да продолжат со предано исполнување на мерилата за членство во Европската Унија и да бидат позитивен пример за сите други држави кои својата иднина ја гледаат во ЕУ.

Милатовиќ порача дека нашата посветеност на реформите и регионалната соработка не е значајна само за членство во ЕУ туку и за осигурување долгорочен просперитет и стабилност на нашиот регион.

„Важно е одлучно да останеме на курсот на демократскиот развој и владеење на правото зашто само така нашите општества може суштински да напредуваат и да ја искористат можноста што произлегува од разбудениот ентузијазам и новиот моментум кој сега го имаме во Брисел по прашање на проширување на Европската Унија. Оваа платформа секако останува иницијатива од суштинско значење за остварување на нашите заеднички цели, платформа во чии рамки може да помогнеме едни на други, разменувајќи искуства и делејќи идеи, а имајќи иста цел“, истакна претседателот на Црна Гора.

На прес-конференцијата, со која во Скопје заврши Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на ПСЈИЕ, на прашање од медиум од Албанија што ќе направи земјата за рамноправна вклученост на Косово бидејќи не е признато од сите земји членки на Процесот, албанскиот претседател Бегај одговори дека „Косово е учесник на овој самит“ и, како што рече, „независно што постојат држави што не ја признаваат независноста на Косово, Косово со својот глас покажува дека овој процес не може да продолжи без неговото присуство“.

„Сакаме да го поддржиме дијалогот помеѓу Косово и Србија за да се нормализираат овие односи меѓу двете држави и за да има признавање од двете страни и да се почитуваат малцинствата според Уставот на Република Косово“, додаде Бегај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ