вторник, 22 октомври 2024

Судскиот совет изрече дисциплинска мерка јавен укор за судијката Спировска Панева

Oдлуката на Судскиот совет претставува важен чекор за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија, соопштија денеска од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), подносител на претставката против судијката Јованка Спировска Панева.

Објавено на

часот

Сподели

На 10 октомври годинава, Судскиот совет донесе дисциплинска мерка – јавен укор за судијата Јованка Спировска Панева, со која се потврди дека таа незаконски и забранила на јавноста да го следи соочувањето на рочиштето, помеѓу бизнисменот Кочо Анѓушев и колешката Цветковска за случајот „Фероинвест против медиумот ИРЛ“, постапка со која новинарите беа спречени да ги информираат граѓаните за овој важен судски процес.
Во одлуката на Судскиот Совет јасно е наведено дека, „исклучувањето на јавноста за време на судските рочишта претставува груба повреда на транспарентноста и правото на информирање, што е од суштинска важност за слободата на медиумите.“Драган Секуловски, директорот на ЗНМ истакна дека со постапката на судијата за отстранување на новинарите од судница директно се напаѓа медиумската слобода, причина заради која одлуката на Судскиот совет е позитивен пример за заштита на слободата на изразување.

„Оваа постапка на судијата Спировска Панева се смета за сериозна професионална грешка и директен напад врз медиумските слободи во спротивност со Законот за парнична постапка. Токму затоа одлуката претставува пресвртница за медиумската заедница. Со ова се испраќа јасна порака дека слободата на информирање мора да биде заштитена. Истовремено, ова е чекор кон гарантирањето на транспарентноста на судските постапки и дека законите мора да се почитуваат од сите судии“, рече Секуловски.

На 19 октомври 2023 година, ЗНМ поднесе претставка до Судскиот совет, барајќи одговорност од судијката Спировска Панева поради исклучувањето на јавноста од рочиштето од горенаведениот случај, како и поведување на дисциплинска постапка. ЗНМ активно учествуваше на сите четири расправи пред Комисијата составена од тројца судии, презентирајќи релевантни докази што го потврдуваат неправилното постапување на судијата.

Одлуката на Судскиот Совет покажува дека безбедноста и слободата на новинарите се од суштинско значење за демократските процеси, а транспарентноста на судските власти е неопходна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ