Со седум гласа „за“ и три „против“ постапката за избор на членови на Судскиот совет продолжува.
„Знаете дека минатата седница имавме проблем со кворумот, а имавме и боледувања, така што не гледам причина како политички може да има политички сомнежи кога сите судии ќе го дадат својот глас за одреден кандидат и со тоа ќе створат перцепција дека тоа е политичка одлука“, истакна Дамева.
Членот на Судскиот совет, Селим Адеми, се произнесе дека ќе гласа против овој заклучок. Посочи дека во време на изборен процес Советот не треба да формира комисија и да објавува оглас за избор на членови, бидејќи како што рече, Советот не губи ништо доколку следните неколку седници е без двајца членови.
Советот донесе одлука и за промена на заклучоците за постапките за утврдување на одговорност за претседател на суд или судија и постапките за избор на претседател на суд или судија да се стават во мирување, согласно Одлуката на Собранието на Република Северна Македонија за распишување на претседателски и парламентарни избори, според која не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
Со шест гласа „за“ и четири „против“ Советот го усвои предлогот на членот Тања Чачарова – Илиевска за измена на заклучокот постапките за избор на претседател на суд или судија да се стават во мирување.
Во донесениот заклучок се вели од денот на распишување на изборите, па сѐ до нивно завршување се ставаат во мирување спроведување на интервјуа, проверка на знаење и знаењето на практична работа со компјутери, како и избор на претседател на суд односно судија по веќе завршените постапки, освен во итни и неодложни работи.
„Ќе ги образлагаме кога ќе работиме нешто, бидејќи сметаме дека се итни и неодложни, и тогаш ќе образложиме зошто и како сме постапувале и од кои причини сме сметале дека тоа е итно и неодложно, мислам дека тоа е образложението што требаше секој да го знае кога го давав предлогот на заклучокот“, рече Тања Чачарова – Илиевска.
Советот на претходната седница донесе заклучок да се стават во мирување постапките за утврдување на одговорност за претседател на суд или судија и постапките за избор на претседател на суд или судија.