Претседателката на Комисијата Лорета Георгиева информира дека Нанев поканата ја примил на 8 февруари, но до започнување на денешната расправа не пратил никакво известување до Судскиот совет.
Како што кажа Георгиева, судијата Нанев само испратил докази во врска со навоите за негова одговорност и напишал дека изјавата ќе ја даде усно затоа што „овој концепт има значење и може да се користи само со усна изјава”. Истовремено Нанев побарал да му се овозможи да ги повика претставниците на меѓународната и дипломатска заедница и невладините органзиации за да имаат увид „во ширењето лаги и невистини”.
Со оглед на тоа што првата седница во јули годинава на која се расправаше за одговорноста на Нанев беше одложена, затоа што судијата известил дека е на лекување во болница, денеска членовите на комисијата констатираа дека седницата може да се одржи особено што Нанев до Судскиот совет не доставил никаков доказ за неговото лекување и боледувањето што го користел.
Подносителот на барањето, судијката Антоанета Димовска, рече дека Лазар Нанев намерно или ненамерно направил крупна професионална грешка кога како судија телелфонски комуницирал со обвинетиот извесен Ванчо Кузманов во предмет за стечај на фирма.
„Имајќи ја предвид содржината на извештајот, во кој е констатирано дека постојат листинзи од извршени телефонски разговори меѓу судијата Лазар Нанев и Ванчо Кузманов, обвинет како сопственик и управител на фирмата Ангола, а се работи за вкупно 95 телефонски повици, сметав дека ваквото однесување значи несмасно и несовесно вршење на функцијата што го прави недостоен за вршење на функцијата“, појасни Димовска.
Како што кажаа таа, судијата не смеел да комуницира со обвинетиот Кузманов бидејќи тој бил еден од странките во постапката со што било прекршено начелото на непристрасност на водење на постапката. Таа предложи да бидат изведени како докази листинзите од телефонската комуникација како и барањето на основниот јавен обвинител Елизабета Мишева, судијата Нанев да биде изземен од предметот што го водел, токму поради неговата комуникација со обвинетиот Кузманов.
„Разбирам, поради итност на постапка да се направи комуникација, но апсолутно е недозволиво 95 пати да комуницира со обвинет. Ќе беше добро судијата Лазар Нанев да биде присутен и да ме разубеди, но тој одлучи да не дојде“, изјави Димовска.
Со оглед на фактот дека на денешната расправа судијата Лазар Нанев не беше присутен за да се произнесе по наводите, мнозинството одлучи да се прочита писмениот навод што Нанев го доставил до Судскиот совет меѓу кои и приложените докази од негова страна. Против тоа беше Тања Чачарова, која рече дека законот налага да се заклучи доказната постапка без читање на доказите доставени од судијата.
Во завршен збор, Димовска изјави дека останува во целост на барањето за покренување постапка за утврдување одговорност на судијата Лазар Нанев.
„Сакам да потенцирам само неколку битни моменти зошто сметам дека судијата Лазар Нанев намерно и неоправдано направил крупна професионална грешка. Не е спорно и судијата не негира дека се чул 95 пати со обвинетиот Ванчо Кузманов за кривично дело недозволено пренесување на акцизни добра. Ваквото однесување на судијата, кој не оспори дека толку многу пати се слушнал со обвинетиот, укажува на непрофесионалност и од само нему познати причини за пристрасност“, изјави Димовска.
Според законот, комисијата дополнително ќе донесе одлука дали судијата Лазар Нанев несовесно ја вршел функцијата по што е должна со допис да го извести за конечната и евентуална санкција.