Студентките кои беа дел од оваа студиска посета беа поделени во неколку групи во зависност од факултетот од кој доаѓаат – машинска, електро-техничка и градежна, а секоја група беше предводена од менаџер, експерт во соодветната област. На тој начин, студентките имаа можност да се запознаат со различните специфики на проектот и да видат како се применети најновите научни сознанија од овие области во пракса.
„Diamond of Skopje“ има вкупно 4 станбени кули со 772 станбени едници и деловен простор. Кулите А и Б се комплетно завршени и вселени, а во моментот се одвиваат градежните активности на кулите Ц и Д, кои беа посетени од студентките во рамките на оваа студиска посета. Покрај тоа, студентките го посетија и трговски центар Дајмонд мол со корисна површина од 48.000 квадратни метри. Вкупната инвестиција во мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“ кој ги вклучува резиденцијалниот дел, трговскиот центар и хотелот со пет ѕвездички – „Limak Skopje Luxury Hotel“ изнесува над 350 милиони евра.
Во текот на студиската посета студентките имаа средба и со проектниот менаџер на мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“, кој одблиску ги запознаа со имплементираните процеси од областа на градежништвото, машинството и електротехниката, а ги презентираше и карактеристиките на градежните материјали кои се користени во текот на изградбата.
„Ни претставува големо задоволство што благодарение на иницијативата Global Engineer Girls (GEG) имаме уникатна можност нашето знаење и искуство да го пренесеме на нашите идни колешки, студентките од техничките универзитети. Истовремено, за нас е многу значајно што можевме да ги слушнеме нивните идеи и размислувања, кои носат свежина во нашата работа и отвораат нови перспективи. Остануваме посветени на поддршката на нашите идни колешки. Лично сметам дека жените во техничките науки даваат голем придонес за развојот на нашата индустрија и во примената на иновативни практики“, истакна Куртан Апајдин, генерален директор на „Лимак Скопје“.
Групацијата Лимак, преку иницијативата Global Engineer Girls (GEG) доделува стипендии на девојки и млади жени кои студираат на електротехничките, машинските, градежните и факултетите за компјутерски и информатички науки на државните универзитети во земјава. Покрај финансиска поддршка преку стипендии, групацијата Лимак, преку GEG North Macedonia, обезбедува и можности за практикантска работа, обуки за развој на дигитални и друг вид вештини, како и учество во менторска програма што ја спроведуваат искусни професионалци и бизнис лидери. Главната цел на инцијативата Global Engineer Girls е да обезбеди активна поддршка за младите жени и девојки да стекнат напредно знаење, практично искуство и да изградат професионален развој во областа на науката, технологијата и инженерството – позната како СТЕМ област.
Покрај тоа, иницијативата се стреми да ги поттикне компаниите да се вклучат во справувањето со родовиот јаз во нивната индустрија и во нивните организациски структури, на тој начин унапредувајќи ја вклученоста на жените во економијата и во општеството. Global Engineer Girls е меѓународна филантропска иницијатива која започна да се спроведува во 2015 година во Турција, а потоа се прошири и во Македонија, Косово и Саудиска Арабија. Главна инспирација за нејзиното покренување беше организациската култура на Групацијата Лимак и личните заложби на претседателката на групацијата Ебру Оздемир за зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ областа.