среда, 16 октомври 2024
Сеад Џигал

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Родовиот говор на омраза е проблем кој опстојува и се продлабочува. И проблем кој нема да исчезне сам од себе.

Во последните неколку години политичкиот говор во земјава сѐ повеќе ги засилува поларизацијата и поделбите во општеството. Toj се покажува како лесно средство за мобилизација и експлоатација на одредени групи во политички цели, а партиите го користат како „легитимно средство“ во борбата за власт.

Жените и родовите малцинства често се наоѓаат на мета на дискриминаторски и насилен јазик што го опструира и потиснува нивното учество во политиката.

Во повеќе истражувања се потврдува дека македонското општество не само што не прави повеќе да го мотивира и поттикне жените да бидат политички активни, туку постои тренд на нивно сѐ почесто таргетирање со политичката пропаганда и лични напади.

„И покрај бројните напори и иницијативи за зголемување на учеството на жените во изборните процеси во државата и поттикнување на родовата еднаквост во општеството во целина, вклучително и воведувањето на квотите за родова застапеност во 2002 година, константно ниското учество на жените во изборните и политичките процеси во Северна Македонија продолжува да биде една од најголемите пречки за постигнување родова еднаквост и вистинска демократија“.

Според истото истражување, клучни причини за недоволен број на жени во политиката се: машката доминација во политиката, традиционалните родови улоги во семејствата, стереотипите и предрасудите поврзани со жените и говорот на омраза во медиумите.

 Говорот на омраза во текот на изборите

Испреплетеноста на политиката и родовиот говор на омраза е особено изразена за време на изборите кога меѓупартиските препукувања се зачестени, а тензиите засилени. Жените и родовите малцинства кои се активираат во политиката, често се „лесна цел“ на напади од различен вид.

Овој тип на говор не само што сака да ги понижи и да ги замолчи, туку се обидува да ги зајакне традиционалните родови хиерархии кои ги обесхрабруваат жените да бидат активни во политиката.

Покрај обесхрабрувањето на политичкото учество, говорот на омраза на родова основа ги зајакнува штетните стереотипи и ги зацврстува дискриминаторските односи на политичка моќ. Напаѓајќи ги жените, на пример, говорот на омраза испраќа порака дека тие не се „соодветни“ за лидерски улоги или за одлучувачка одговорност.

Каде се случува политичкиот говор на омраза на родова основа?

Значителен дел од родовиот говор на омраза денес се јавува во онлајн сферата. Платформите на социјалните мрежи како Х/Твитер, Фејсбук и ТикТок станаа главни боишта каде политичките субјекти и нивните поддржувачи се впуштаат во препирки, но и многу често во кампањи на омраза против политичките противници. Овие напади често се манифестираат во координирано вознемирување, објавување приватни информации (т.н. доксинг) и закани за насилство. Истражувањата потврдуваат дека политичарките и активистките добиваат до 27 пати повеќе навредливи коментари од нивните машки колеги.

Дигиталнaта сфера овозможува анонимност и лесен контакт со кандидатките, при што говорот на омраза лесно се креира и брзо се шири. Често овие злоупотреби можат да биде толку сериозни што кандидатките се соочуваат со психолошки и емоционални стресови што влијае на нивната способност воопшто да бидат дел од изборниот процес.

Секако, говорот на омраза на родова основа не е ограничен на онлајн сферата. Тој се манифестира и на политичките собири, митинзи, дебати и медиумски настапи кои се злоупотребуваат како платформи за сексистичка и мизогиниска реторика кои ја подржуваат и оддржуваат ваквата култура на субординација на родова основа.

Токсичен говор на претседателските и парламентарните избори

На кандидатските листи за парламентарните избори жените беа застапени со 42,9%, односно 753 од вкупно 1.755 кандидати, додека во трката за претседател имаше две кандидатки. Сепак, оваа застапеност на жените на кандидатските листи не се одрази особено во кампањите на политичките партии и коалициите, ниту во медиумското известување за изборите. Родово специфичните теми и отворените дискусии за нив речиси целосно отсуствуваа во кампањата, а пропагираните изборни проекти кои се однесуваат на жените беа лимитирани на родови стереотипи („Ќе воведеме субвенции за секое новородено дете“, „Како што растат внуците, така нека растат и пензиите“).

Од друга страна, на претседателските избори беше забележан зголемен политички ангажман на платформите на социјалните медиуми, со жесток говор често насочен кон женските кандидати. Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Textgain, спроведе истражување коешто имаше за цел да ги процени нивоата на штетни и токсични говори насочени кон овие кандидати на Фејсбук и Х (поранешен Твитер).

Користејќи ги податоците од онлајн платформата за говор на омраза EOOH, анализирани беа вкупно 1.634 пораки, собрани во периодот од 01 март до 20 јуни, кои ги опфатија и предизборниот и постизборниот период. Приближно 2% од анализираните пораки содржеле дезинформации, додека 1% вклучувале закани. Овие пораки се особено загрижувачки бидејќи имаа потенцијал да влијаат на јавната перцепција преку лаги и конструкции или да ги заплашат поединците вклучени во изборниот процес.

Анализата потврди дека штетните и токсичните пораки се позастапени на Facebook, каде што беа регистрирани 55% од екстремно токсичните пораки (со оценка 0.8 од  максимални 1, според методологијата на анализата).

Во кампањата, најчесто овие напади беа насочени на кандидатката за претседател од редовите на опозицијата, Гордана Сиљановска Давкова. Значителен дел од говорот на омраза против Сиљановска Давкова беше поврзан со нејзината поддршка од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи политичка наслојка на сексистичката реторика.

Една од најчесто користените навреди кон Гордана Сиљановска Давкова беше „Баба Гога“, која се јавуваше во бројни коментари. Овој термин не беше само навреда за нејзината возраст, туку служеше и како средство за исмејување на нејзиниот политички ангажман, честопати споредувајќи ја со машките политичари на погрден начин, како што е американскиот претседател Џо Бајден. На пример, помеѓу бројните вакви пораки, една од нив вели:

„Најјакото е што вмровци се исмеваат со Бајден дека е стар, а се восхитуваат на сенилната и горда Гога, изгубена во време и простор. ВМРО е дијагноза! Секта!“

И бројни други коментари беа во сличен тон и наратив.

„Гордана Гога е баба, не ја бива за претседател“.

„Готова е Гога, греота зашо ја мачат, баби се за дома не за да одат по ТВ студија“.

„Каков грев е баба Гога, Господ на помош нека ни е“.

Не беа поштедени ниту другите кандидатки за претседател и за пратенички во Собранието. Кандидатката Билјана Ванковска беше напаѓана директно или индиректно како личност која нема капацитет за позицијата за која се кандидира, како и кандидатката од првичната листа на пријавени, Мерсиха Смаиловиќ.

Сепак, тие генерално не беа подложени на истиот степен на потсмев како Сиљановска Давкова. Ваквата разлика може да се припише на тоа што, на пример, Ванковска не беше поврзана со некоја од двете главни политички партии, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, и поради тоа што се проценуваше дека нема да се пласира во вториот круг на изборите, така што  нејзината кандидатура не привлече ист обем на политички и родов говор на омраза.

Говорот на омраза на родова основа за време на изборите е широко присутен и изразено штетен феномен кој ги загрозува и индивидуалните права и интегритетот на демократските општества. Како што се зголемува политичката поларизација и дигиталните платформи стануваат клучни за политичките процеси, проблемот веројатно нема да исчезне сам од себе без координирана општествена акција.

 

Сеад Џигал

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

Рајко Пеколски

Во бестрага

Ричард Н. Хас

Поуките и наследството од 7 октомври

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ