Од тој ден, па до денес, ниеден таксист не чека патници тука. Местото е на самиот влез од булеварот Февруарски поход, на самиот свиок. Не е соодветно, ниту од безбедносен аспект, ниту како место привлечно за патници, велат таксистите.
Тие веќе триесетина години патниците ги чекаат сто метри понатаму, помеѓу најголемото основно училиште во Македонија „Лазо Ангеловски“ и Паркот на музиката. Станарите кога се беа увериле дека таксистите не ги интересира ова место, почнаа да си паркираат. И така со години. Секое паркинг место во ова Скопје е драгоцено. Со време бојата исчезна. Таксисите останаа кај „Лазо“.
Пред некој месец, на чудење на станарите, властите пак турија боја. Повторно, пустото, е обележано како такси станица. И повторно ниеден таксист не застанува тука. Станарите видоа не видоа по неколку дена почнаа пак тука да паркираат. И никој никому не правеше проблем. Таксистите продолжија да си користат редовни паркинг места или стојат покрај нив.
Дојдоа летните јули и август. Се разбудија пајаците. Пајак – камионите редовно доаѓаат да проверат дали има возило на такси станицата. А има обично од станар кој не знаел, бил на одмор, се вратил, не слушнал дека пајаците доаѓаат и дека едно нивно „лапнување“ „лапнува“ околу 100 евра за казната и „услугата“.
И така. Властите си најдоа начин да ги полнат буџетите. На нелогичен, а законски начин. Парите легнати во буџетот се единственото нешто логично. Изгледа…
Ех, вечно Скопје!
Текст и фото: П.Џ.