вторник, 22 октомври 2024

Советникот на Бајден: Загрижени сме за постапките на Додик, ќе реагираме на заканите

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џејк Саливан денеска потврди дека Белата куќа е загрижена поради континуираните сецесионистички закани на лидерот на босанските Срби Милорад Додик и најави дека американската влада ќе одговори на таквите закани.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во објавите на социјалната мрежа Икс, Саливан се огласи откако Додик минатата недела потврди дека властите на Република Српска подготвиле предлог за договор за „мирно раздружување“ на БиХ, кој имаат намера да го испратат до Федерацијата БиХ за коментар.

Содржината на тој документ сѐ уште не е објавена, Додик рече дека предвидува преоден период од три до пет години во кој, според неговите планови, двата ентитета со договор ќе одлучат за престанок на постоењето на БиХ како држава.

Саливан на тоа одговори со порака дека САД се загрижени поради зголемените закани на Додик за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

„Ќе продолжиме да одговараме на сецесионистичките акции и активности и напади врз Дејтонскиот договор, кој вклучува воведување нови санкции“, напиша клучниот советник на претседателот Џо Бајден.

Саливан, исто така, истакна дека САД силно го поддржуваат високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, да ги користи неговите широки овластувања секогаш кога ќе биде нападнат Дејтонскиот договор, како и дека Вашингтон стои до граѓаните на Босна и Херцеговина и ги поддржува напорите нивната земја да се приклучи кон евроатлантските интеграции.

Милорад Додик е под санкции на САД од 2017 година поради корупција и сецесионистичката политика што ја промовира, доведувајќи го во прашање опстанокот на Босна и Херцеговина како држава.

За време на администрацијата на Доналд Трамп и Џо Бајден, САД во неколку наврати ги зајакнаа санкциите, проширувајќи ги казнените мерки за сите најблиски политички соработници на Додик вклучувајќи ги неговиот син и ќерка, како и цела низа компании кои беа проценети во Вашингтон дека ги финансираат неговите политики да му помогнат да ги збогати членовите на семејството и соработниците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ