сабота, 23 ноември 2024

Совет на Европа: Бугарија да им овозможи на Македонците да се самоидентификуваат

Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на правата на националните малцинства при Советот на Европа, денеска го објави во своето најново, петто мислење за состојбите во Бугарија во однос на спроведувањето на односната конвенција.

Објавено на

часот

Сподели

Генералниот  заклучок во мислењето на Советодавниот комитет е дека Бугарија не остварила доволен напредок во обезбедувањето пристап до правата на малцинствата, со прераки до бугарските власти да ги усогласат активностите според Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.

„ Додека Бугарија играше сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои им припаѓаат на бугарските малцинства во странство, вакви напори не биле забележани и во рамките на Бугарија“, се наведува во документот на Советодавниот комитет.

Советот на Европа констатира дека во Бугарија постои забележителен недостаток на свест за малцинските права како составен дел од човековите права. Немало напори од страна на бугарските власти да се имплементираат голем број долгогодишни препораки за прашања како: слободна самоидентификација, поддршка за унапредување и заштита на правата на малцинствата и неопходност да се обезбеди целосна еднаквост на сите кои живеат во Бугарија.

„Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни. И лицата кои се идентификуваат како Помаци изразија желба да имаат корист од заштитата според Рамковната конвенција. Според властите, нема неопходни објективни критериуми и за Помаците, кои и понатаму се нарекуваат бугарски муслимани, спротивно на нивното самоидентификување“, се вели во извештајот на Советодавниот комитет.

По абелешките во ивештајот се нагласува дека пристапот до правата и нивното ефективно спроведување се од огромна важност и мора да имаат примарно значење за властите.

„Советодавниот комитет смета дека е клучно да се следи прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци и Помаци. Особено е важно Рамковната конвенција да се применува член по член кон лицата кои припаѓаат на тие заедници во области како што се недискриминација, еднаков пристап до правата и промовирање на меѓусебно почитување и разбирање, особено во образованието, културата и медиумите“, се препорачува во извештајот на Советодавниот комитет при Советот на Европа.

Според резултатите од пописот од 2021, најголемото национално малцинство во Бугарија биле Турците, кои сочинуваат 8,4 отсо од вкупното население, па следуваат Ромите (4,4%). На истиот попис, 1.143 луѓе се изјасниле како Македонци.

„Лица кои се самоидентификуваат како Македонци, кои продолжиле да бараат заштита според Рамковната конвенција, пријавиле до Советодавниот комитет дека некои постапки на властите ги сфатиле како активно обесхрабрување да се самоидентификуваат како етнички Македонци. Пријавени се и напади за време на јавни настани, како и пречки во организирање протести и различни настани. Соговорниците на Советодавниот комитет напоменаа дека во бугарското општество нема свест за значењето на малцинските права и дека нема разбирање националните малцинства да бидат составен и ценет дел од Бугарија“, се констатира во извештајот.

Покрај констатцијата на актуелната состојба со правата на малцинствата во Бугарија, во извештајот, Советодавниот комитет се осврнува и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, кој во 12 случаи против Бугарија утврдил непочитување на правото на слобода на собирање и здружување, поднесени од здруженијата на Македонците, кои властите упорно одбиваат да ги регистрираат.

Советодавниот комитет, исто така, ги повикува властите да го промовираат учењето на јазиците на малцинствата. Барањата за настава на турски, ромски, ерменски и еврејски јазик во областите каде што во значителен број живеат лицата на овие малцинства треба редовно да се оценуваат и да се обезбеди континуитет на наставата на јазиците на малцинствата од предучилишното до високото образование.

Советодавниот комитет на крајот ги охрабрува властите во Бугарија да одржуваат добрососедски односи со сите соседни земји и да се промовира прекуграничната соработка преку билатерални договори, покрај имплементацијата на постоечките меѓународни инструменти, особено Рамковната конвенција.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ