недела, 24 ноември 2024

Собранието веќе има заштитена соба – „гол“ се влегува, „гол“ се излегува

Од денеска пратениците во Собранието ќе можат да вршат надзор на тајните служби во Македонија во заштитена соба, од која како што велат одговорните за нејзина операционалиазција, ќе може само – „’гол’ да се влезе и ‘гол’ да се излезе“.

Објавено на

часот

Сподели

Во заштитената соба, односно заштитениот простор во Собранието, нема камери, не да смее да се влезе со електронски уреди,  нема ни тоалет… а пратениците со безбедносни сертификати од комисиите за надзор на безбедносните служби, не смеат ништо да внесат, ниту изнесат од собата. Евентуалните напишани лични забелешки од состанокот, по неговото завршување остануваат во заштитената соба. Состаноците ќе се снимаат само звучно, но потоа ќе бидат криптирани, а пратениците ако сакаат да ги преслушаат снимките, тоа ќе можат да го сторат само во читалната, која е во рамките на заштитената соба.

Според степенот на заштита на тајноста, од Собранието велат дека оваа заштитена соба е технички најаштитена од сличните простории од таков вид во државата, но и во регионот.

Воспоставувањето на заштитената просторија и заштитениот работен простор  е резултат на стратешко партнерство помеѓу Собранието на Македонија и ДЦАФ – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, што ги нагласува заедничките напори за зајакнување на демократското владеење и обезбедување сеопфатни механизми за одговорност во безбедносната рамка на земјата.

Заштитената просторија и заштитениот работен простор се дизајнирани да ги задоволат строгите безбедносни барања поставени од НАТО и од Европската Унија, што вклучува интегрирање на технолошки заштитни мерки, а физичкиот простор е изграден од материјали кои спречуваат неовластено следење и прислушување, обезбедувајќи комуникациите да останат доверливи и заштитени од надворешни закани.

Проектот ги вклучува најдобрите практики на управување  со безбедносниот сектор и обезбедува приспособливост на идниот напредок во надзорот над безбедноста и разузнавањето.

На промоцијата на заштитената соба во Собранието, свое обраќање имаше и спикерот Африм Гаши.

„Уште во 2017 година пратениците и од власта, и од опозицијата се договорија ваква соба е повеќе од потребно да се изгради во Собранието, како дел од пакетот мерки за подобар надзор над тајните служби. Изградбата на оваа соба е многу повеќе од унапредување на условите за работа на трите надлежни комисии за следење на работата на безбедносните и разузнавачките служби.

Заштитената соба ја унапредува надзорната улога на Собранието, на која сме особено фокусирани од почетокот на нашиот мандат. Заштитени соба не е сувопарно барање кое произлегува од Меморандумот за разбирање со ДИКАФ; таа е барање на НАТО. Оттука, процесот за нејзина изградба, набавка на опрема и операционализирање беа особено комплексни. Ми претставува особено задоволство да подвлечам дека моите претходнци, пратениците од предходните парламентарни состави, заедно со службите и партнерите истрааја во заложбата да се изгради оваа Соба според највисоките НАТО стандарди, со почитување на особено комплицирана тендерска постапка и примена на стандарди кои се во согласност со стандардите на НАТО.

Уверен сум дека изградбата на оваа соба и исполнувањето на строгите критериуми ќе ја зголеми довербата на граѓаните во Собранието и ќе ја подобри оценката и перцепцијата, особено имајќи во предвид дека за да се операционализира заштитената соба, потребно беше да се исполнат сите стандарди и безбедносни протоколи неопходни за нејзина акредитација“, кажа Гаши во обраќањето.

На промоцијата на заштитената соба во Собранието, покрај претседателот на парламентот, Африм Гаши, говореа и: Владо Ѓердовски, раководител, ДЦАФ – Скопје, а обраќање имаа и Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во Македонија; Јанез Жакељ, претседател на Комисија за надзор над службите за безбедност и разузнавање, Собрание на Република Словенија; Андреј Рупник, директор во ДЦАФ – Љубљана и Стојан Славески, директор на Дирекција за безбедност на класифицирани информации.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ