„Најпрво, стануваме наутро, се миеме со мраз ладна вода – се разбира, доколку имаме воопшто вода. Во тоалетот ако пуштиш вода, чекаш цел час за да се наполни повторно. Потоа, тргнуваме за на факултет пешки секое утро од осми кат бидејќи нема лифт за надолу. А откако ќе се вратиме од факултет, мртви гладни се молиме в менза да има нешто добро за јадење“, вели еден од станарите за животот во студентскиот дом „Пелагонија“ деновиве.
Десетици студенти пред редакцијата на Мета.мк сведочат за маките со кои се соочуваат среде колоквиумската недела, кога и онака се под огромен притисок за учење и полагање, па отежнатите услови во домот им претставуваат дополнителен стрес. Немањето топла вода во делови од зградата го отежнува одржувањето на личната хигиена, а лифтовите кои речиси воопшто не се во функција ја зголемуваат напнатоста кај оние што живеат на повисоките катови.
„Од самиот почеток на академската година нема топла вода, изговорот беше дека се чистеле бојлерите како и секоја година, а еве два месеца покасно нема вода. Во ‘машката зграда’ нема ни топла вода ни притисок, кажавме на мајсторот, а тој ни рече дека на повисоките спратови секако оти ќе сме немале вода“, вели студентка сместена во „Пелагонија“.
„Кај мене има топла вода само до 11 часот наутро. На погорните спратови да не правиме муабет. Немаат притисок за ладна вода, а камоли топла“, вели друг студент.
„Мајсторите доаѓаат само за да видат каков е проблемот, но си заминуваат без да најдат решение. Ни течеше вода во собата и после пет пријавувања мајсторите дојдоа да ни кажат дека нема што да се направи. Така, водата продолжи да си тече“, сведочат група студенти сместени во овој студентски дом.
Повеќе за текстот на линкот.