Настанот насловен „За Маестрото“ привлече голем број посетители кои уживаа во забавната програма, подготвена во соработка со актерот Игор Џамбазов, синот на диригент и композитор Александар Џамбазов.
Градоначалникот Горан Герасимовски и Игор Џамбазов симболично пресекоа лента пред сликата на Џамбазов со Златните славејчиња.
„Муралите во Центар се секојдневие, но овој мурал навистина е нешто посебно. За тоа се заслужни уметниците Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка, кои со своето дело го украсија Дебар Маало. Уште еден великан си го доби заслуженото место во нашата општина“, истакна Герасимовски пред присутните.
Игор Џамбазов своерачно додаде виолински клуч на сликата, по што следеше музичкиот дел од настанот во изведба на поранешните „Златни славејчиња“ и „Развигорчиња“, а под диригентска палка на Запро Запров и пијано придружба на Марија Ѓошевска.
Тие настапија со евергрините: „Песна за Скопје“, „За сите деца“, „Мојата учителка“ и „Еј, гулаби, гулаби бели“, за чија изведба специјално од Битола допатува оригиналното „Златно славејче“ од 1972 година, Билјана Дамјановска Јанчевска.
На настанот беше промовирана и книгата „Чичко маестро Џамбаз, во светот на децата” на авторите Бранка Костиќ-Марковиќ и Марко Коловски.
На настанот присуствуваа и претседателот на државата, Стево Пендаровски и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.