сабота, 19 октомври 2024

Со Маршот на Живите од Аушвиц до Биркенау оддадена им е почит на жртвите на Холокаустот (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Секоја година илјадници млади Евреи и неевреи од целиот свет учествуваат во маршот што се организира на местото каде што некогаш бил логорот на смртта, кој во Полска го отворила нацистичка Германија во Втората светска војна.

Аушвиц-Биркенау е симбол на нацистичкиот геноцид извршен над шест милиони европски Евреи, од кои милион биле убиени во тој логор од 1940 до 1945 година.

Логорот во кој биле убиени и околу 80.000 Полјаци неевреи, 25.000 Роми и 20.000 советски војници го ослободила Црвената армија на 27 јануари 1945.

Знакот за почетокот на 35-от Марш на Живите го означи звукот на шофар, традиционалниот рог, пред озлогласената порта со натписот „Работата ослободува“ (Arbeit Macht Frei) во Аушвиц.

Учесниците одеа три километри од логорот Аушвиц до Биркенау. Во поворката меѓу другите беа италијанскиот претседател Серџо Матарела и израелскиот министер за образование Јоав Киш.

Утре во Варшава се одбележува годишнината од востанието во гетото кое почнало на 19 април 1943. Израелскиот и германскиот претседател ќе бидат таму и ќе го посетат местото на некогашното гето кое нацистичките власти на Варшава го оградиле во 1940.

Во еден момент таму живееле дури 45.000 Евреи на три квадратни километри, а повеќето потоа биле префрлени во логорите на смртта или убиени во гетото.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ