сабота, 19 октомври 2024

Скопјани се разбудија со топли радијатори, почна грејната сезона, засега по стара цена

Грејната сезона во Скопје почнува денеска и ќе трае до 15 април идната година, а цената за потрошената топлинска енергија засега останува иста. Нова одлука за цената ќе се носи откако ќе биде поставен цевководот на мостот Беласица што беше уништен во пожарот што избувна во мај годинава. Од ЕСМ, компанијата што ја испорачува топлинската енергија, информираа дека компаниите формирани од нејзина страна како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ), согласно правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија грејната сезона во Скопје започнува на 15  октомври 2023 година и завршува на 15 април 2024 година, со можност да се продолжи уште 15 дена во зависност од надворешните температури. 

„Сведоци сме дека деновите во овој период од годината се потопли, а и прогнозираните температури што ги добиваме од хидрометеоролошката управа го покажуваат истото. Сепак, грејната сезона започнува на 15 октомври и снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 6:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 степени Целзиусови. Цената на топлинската енергија останува иста. Нова одлука ќе биде донесена откако цевководот на мостот Беласица ќе биде поставен, со што ќе се овозможат услови за детален пресек на трошоците“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Нагласи дека испораката на топлинска енергија ќе се одвива согласно мрежните правила за дистрибуција на топлинската енергија. 

РКЕ апелира до сите потрошувачи на регулираниот пазар, односно до институциите и домаќинствата да продолжат со рационално трошење на енергијата исто како во изминатата грејна сезона.

Од ЕСМ, компанијата што ја испорачува топлинската енергија, информираа дека компаниите формирани од нејзина страна како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје. Од вкупно 63.000 потрошувачи (домаќинства, деловни објекти и институции), 61.000 се снабдуваат преку новоформираните фирми на ЕСМ за Производство, Дистрибуција и Снабдување, додека 2.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата  ЕСМ-Енергетика.

„Производните капацитети во двата системи и дистрибутивните мрежи се спремни за почеток на претстојната грејна сезона. Санирани се сите дефекти на дистрибутивната мрежа кои беа лоцирани во текот на летниот ремонтен период, извршени се ладните проби во дистрибутивниот систем како и редовните проверки на подстаниците и на нивната функционалност. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО“, вели  Александра Маројевиќ, помошник на директорот за производство во ЕСМ.

Таа апелира до потрошувачите и управителите односно заедниците на сопственици на станови да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација). 

„Соработката од страна на потрошувачите е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија. За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи“, вели Маројевиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ