вторник, 22 октомври 2024
Хјуман рајтс воч

„Сите веднаш побараа истрага за Украина, а МКС дури не даде ни јавно соопштение за Газа“

„Двете страни во војната во Газа вршат воени злосторства – Хамас за време на инвазијата на Израел на 7 октомври, а израелските сили во бруталниот и неселективен одговор во кој беа срамнети цели населби, беа гаѓани цивилни објекти и илјадници Палестинци беа убиени.“

Објавено на

часот

Сподели

Ова во интервју за Ал џезира Балканс го изјави Акшја Кумар, директорка за кризни ситуации во Хјуман рајтс воч, организација за човекови права со седиште во Њујорк, која со години ги документира прекршувањата на човековото и меѓународното право, па и воените злосторства на Блискиот Исток.

Таа тврди дека израелските власти се одговорни за континуирани злосторства против човештвото, апартхејд и прогон на Палестинците, што ХРВ веќе го утврди.

Како што тврди таа, војната во Газа, која се разгоре по операцијата на Хамас на тлото на Израел на 7 октомври, предизвика страшни злосторства, при што предничат Израелските одбранбени сили (ИДФ), како што можеше да види целиот свет гледајќи ги страшните сцени од опколената палестинска енклава.

Примерот со тенкот и белото такси

Според Кумар, ХРВ забележала повеќекратни воени злосторства извршени од израелските сили.

„Израелската војска изврши воени злосторства со колективно казнување на цивилното население во Газа, прекинување на водата, струјата и другите потреби за да ги казни за дејствијата на борците на Хамас, како и намерно прекинување на снабдувањето помош“, рече Кумар.

„Таа го прекрши меѓународното хуманитарно право користејќи бел фосфор во цивилни области, и во Газа и во Либан“, додаде таа.

Наведувајќи еден пример за суровост на ИДФ, Кумар спомена неодамнешна видеоснимка на која израелски тенк разнесува патнички автомобил во движење.

„Тенк пука во бело такси што вртеше (на улицата). На прашањето за ова, портпаролот на ИДФ рече дека немало ‘доказ’ дека автомобилот бил цивилен. На автомобилот имало бело знаме. И првиот одговор на ИДФ е дека ‘терористите користат цивилна инфраструктура како што се автомобилите. Подоцна, под притисок, тој додаде дека ‘околностите се нејасни’“, рече таа.

Кумар потсетува дека ХРВ во минатото документирала „намерни или неселективни напади на Израел во Газа“.

„Го документиравме и неуспехот на борците од Газа да преземат соодветни мерки за заштита на цивилите, вклучително и непреземање на сите можни мерки на претпазливост за да се избегнат или да се минимизираат случајните загуби на цивилни животи и оштетувања на цивилни објекти – со лансирање ракети од населени места. Сепак, ние сè уште не сме донеле други одлуки за легалноста на сегашните непријателства, со исклучок на белиот фосфор во цивилните области“, додава таа.

„Итна потреба за правда“

Сепак, додава таа, ХРВ „утврди дека израелските власти се одговорни за континуирани злосторства против човештвото, апартхејд и прогон на Палестинците“.

Осврнувајќи се на другата страна, Кумар рече дека воени злосторства биле извршени и против Израелците.

„Борците предводени од Хамас масакрираа израелски цивили, убивајќи стотици и земајќи десетици заложници, вклучувајќи деца, инвалиди и постари лица. Борците од заседа нападнаа млади учесници на забава на отворено, наводно убиле 260 луѓе, пукале во семејствата во нивните домови и запалиле други домови за да ги избркаат луѓето. Оттогаш, вооружените групи од Газа неселективно истрелаа илјадници ракети врз израелските градови и населби. Овие злосторства се класифицирани како воени злосторства, како и заканата на Хамас дека ќе егзекутира некои од израелските заложници држени во Газа“, вели тој.

Се поставуваат многу прашања за способноста и волјата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг да ги истражи сите потенцијални воени злосторства во Газа и Израел.

Додека Палестина е потписник на Римскиот статут, Израел не го ратификуваше и не ги признава одлуките на МКС, и покрај тоа што Судот изгласа дека е надлежен за злосторствата на палестинските територии.

„Сите овие настани ја истакнуваат итната потреба од правда. Обвинителството на МКС мора да ја забрза истрагата за тешките кривични дела направени од сите страни. По сеопфатната руска инвазија во февруари 2022 година, обвинителот на МКС зборуваше за клучната улога на судот, а невиден број претежно европски земји-членки на МКС побараа од него да покрене истрага за (настаните во) Украина. Дури и САД, уште една земја што не е членка на МКС, изрази силна поддршка за улогата на МКС во Украина“, вели Кумар, која наведува дека МКС досега не направил речиси ништо во случајот Газа.

„Обвинителот на МКС не даде проактивно јавна изјава во која ги потсетува Израел и палестинските вооружени групи за нивните обврски според меѓународното право и за мандатот на Судот да ги истражи нивните дејствија. Гласот на МКС е итно потребен за да се спречат понатамошни масовни злосторства. Двојните стандарди во пристапот кон одговорноста за жртвите се неприфатливи“, вели Кумар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ